Кујните во три училишта, заедно со магацинскиот простор во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затворени откако се потврдени случаи на девет деца заразени со салмонела – информираат од Општина Карпош.
Во ООУ „Војдан Чернодрински“ се заразени три ученици, во „Владо Тасевски“ пет, а во „Јан Амос Коменски“ има еден ученик заразен од салмонела.
-Во ООУ “Војдан Чернодрински” од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 3 ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ “Јан Амос Коменски” од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ “Владо Тасевски” има потврдени 5 случаи од 1 до 4 одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиште – информираат од Општина Карпош.
Оттаму посочуваат дека во петокот за појадок имало мекици без јајца, а за ручек спанаќ без месо со кисело млеко.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден се земени брисеви од сите работни површини во сите основни училишта.
– Фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош сама побарала вонреден преглед. До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ Димо Хаџи Димов каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта – велат од Општина Карпош.
Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота.