Ова е историски ден, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста, изјави премиерот Христијан Мицкоски за затворањето на постмониторинг-дијалогот на Македонија со Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
– Тоа значи дека Македонија веќе не е опфатена со постмониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, оние земји што ги сметаат за фронтранери во регионот, Црна Гора или Албанија, сè се уште во мониторинг или се во постмониторинг. А само пред три-четири месеци земја членка на Европската Унија, како Бугарија, излезе од тој постмониторигн, сега и ние излергуваме – рече Мицкоски.
За премиерот, ова значи само признание за нивото на демократија во државата и е демант за квалитетот на демократијата и слободата на говорот.
– Некои од вас бевте присутни пред неколку дена кога ми беше поставено прашање дали Владата влијае врз слободата на говорот? Ова е еден најголем демант, ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси што ги мониторира Советот на Европа – потенцира Мицкоски.
За Мицкоски, ова е само уште една добра вест покрај онаа со која ЕУ го препозна проблемот со транспортерите.
– Благодарен сум на тимската работа, на сето она што го направивме, тоа е уште една добра вест покрај онаа со која ЕУ го препозна проблемот, би рекол не само со камионџиите туку и со друмските превозници, зборувам тука и за товарниот и за патничкит сообраќај, но во перидот што следува ќе има уште многу добри вести, така што сите оние невистини, лаги, од страна на опозицијата, што беа кажувани изминатиот период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите, кои ги засилуваат лагите во опозицијата мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене, но и на Владата – рече Мицкоски.
Тој повтори дека нема поголем демант од оној што дојде директно од Стразбур.
– Од Советот на Европа велат дека Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот, и дека таа држава е зрела за понатаму навистина да ја гледаме како зрела демократија за разлика од другите земји од Западен Балкан, кои се или во постмониторинг или во мониторинг – додаде Мицкоски.
Вчера, во текот на јануарската сесија на ПССЕ, на која учествуваа Иванка Василевска, заменик-шеф, и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска, беше изгласана резолуција за затворање на постмониторинг-дијалогот со земјата. Текстот на резолуцијата во име на мониторинг-комисијата беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија, од политичката група на социјалистите, и Џозеф О’Рајли од Ирска, од Европската народна партија.
Во текстот се наведува дека Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Северна Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа и ја признава политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг-дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова Собранието одлучи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Северна Македонија и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера објави дека оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји. Одлуката, додаде Муцунски, претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности.































