Ова е настан, кој е рамо до рамо со денот со денот на прогласување на независноста, изјави премиерот Христијан Мицкоски за затворањето на постмониторинг-дијалогот на Македонија со Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
– Тоа е уште една потврда дека тоа е настан кој што е рамо до рамо со денот на прогласување независност на државата затоа што со оваа признание од Советот на Европа дека се укинува постмониторингот Европа признава дека оваа држава е зрела демократија, дека се почитуваат човековите права и дека имаме функционална Влада која се грижи за иднината на оваа држава. И со тоа, практично ние сме единствената држава од Западен Балкан која сега нема никаков ниту мониторинг, ниту постмониторинг. Сите останати земји, вклучително и таканаречените фронтранери, се или во мониторинг или во постмониторинг. Јас сум благодарен на пратениците на македонскиот Парламент кои се дел од таа Мешовита комисија. Благодарен сум на Советот на Европа. Благодарен сум на Европскиот парламент и на сите оние кои донесоа ваква одлука. Само ќе ве потсетам, пред три-четири месеци земја-членка на ЕУ излезе од постмониторингот, тоа е соседна Бугарија – рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека оваа одлука докажува дека Владата ги почитува човековите права, демократијата, слободата на говорот…
– Ова само уште еднаш покажува и докажува дека оваа Влада ги надмина сите претходни влади во делот на почитување на човековите права, демократијата, слободата на говорот итн. И тука не треба да застанеме. Треба уште повеќе да работиме и уште повеќе да испорачуваме – рече премиерот Мицкоски.
































