Започнуваме процес што ќе треба да ја обезбеди далекупосакуваната децентрализација, регионализација на услугите, услуги поблиску до граѓаните, нови услуги, поодговорно трошење на здравствениот денар. Ова го изјави попладнево директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, пред Средбата за договорни надомести 2026 година, каде е предвидено да им се презентира на сите јавни здравствени установи, што се измените во обрасците за договорен надомест и истовремено да се споделат насоки за годината што доаѓа.
Во изјава за медиумите, Клековски појасни дека се работи за сесија за започнување на разговорите, преговорите за основен надомест на здравствените установи. Тоа е, рече, еден процес во кој се одредува буџетот на здравствените установи за 2026 година, што се состои во аплицирање со соодветни обрасци, врз основа на што се прават преговори.
-Целта на промените што сакаме да ги презентираме, е зголемување на контролата на здравствените услуги од една страна и второ, зголемување на контролата на финансиите, од друга страна. Да направиме еден поодговорен, потранспарентен и отчетен концепт. Ги повикавме сите јавни здравствени установи да бидат присутни на воведната сесија, да им обезбедиме објаснување за промените што ги правиме. Ова е почеток на овој процес. Не очекуваме дека за една година ќе се смени нешто. Меѓутоа, да го започнеме процесот, што ќе треба да ја обезбеди далекупосакуваната децентрализација, регионализација на услугите, услуги поблиску до граѓаните, нови услуги, поодговорно трошење на здравствениот денар – истакна Клековски.
Тој додаде дека на првата седница, присутните ќе се запознаат со предлогот на Фондот.
– Мислам дека ќе биде поддржан пристапот, сите сакаат позитивни промени – подвлече Клековски.
Тој ги спомена и најавените капитални инвестиции во Штип, Тетово и Кичево.
Средбата се одржува во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.


































