Фото: Ка.М
Поклон пред паметникот Карпалак во касарната “Мирче Ацев”

Со полагање цвеќиња на спомен обележјето во касарната “Мирче Ацев” и во с.Лениште, вечерва во Прилеп започнаа активностите за одбележувањето на 22 годишнината од масакрот Карпалак, во кој на осми август 2001 година загинаа 10 прилепски резервисти.

Почит им оддадоа делегации од Касарната предводена од потполковник Славчо Кузманоски, градоначалникот Борче Јовчески, од семејствата на загинатите, Здружението Карпалак и др.

Командантот на касарната потполковник Славчо Кузманоски, рече дека поминаа 22 години со измешани чувства на тага и гордост.
-Денес се поклонуваме овде пред паметникот подигнат во нивна чест, со ветување дека нема да бидат заборавени. Да се сеќаваме и евоцираме спомени за нив.Тагата и болката остануваат, особено во семејствата, но и гордоста што беа дел од нашата единица.Останува обврската споменот за нив да го чуваме- рече потполковникот Кузманоски.

Пред 22 година на 8 август кај Карпалак во заседа животот го загубија Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Дарко Велјаноски, Љубе Груески, Пецо Секулоски и Марко Деспотоски.
Беше посетена и спомен собата на загинатите во касарната.
Чествувањата продолжуваат и утре на месноста Карпалак и во центарот на Прилеп.

Фото: Ка.М
Фото: Ка.М
Фото: Ка.М
Фото: Ка.М
Фото: Ка.М
Фото: Ка.М

Ка.М