Министерство за јавна администрација

Започна процесот на подготовка на новиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт за периодот 2026–2028, со што се отвора нов циклус на соработка меѓу институциите и граѓанското општество насочен кон поголема транспарентност и отчетност.

На конференцијата во Скопје, министерот за јавна администрација Горан Минчев истакна дека Партнерството за отворена власт претставува клучен механизам за унапредување на демократското управување и за градење доверба меѓу институциите и граѓаните.

– Партнерството за отворена власт е важен инструмент за создавање поинклузивни и поефикасни политики, ориентирани кон реалните потреби на општеството – нагласи Минчев.

Тој потенцира дека суштината на процесот се базира на заедничко креирање политики преку партнерство меѓу институциите и граѓанските организации, со цел да се утврдат реформските приоритети и да се обезбедат одржливи решенија.

На настанот се обрати и националната координаторка за Партнерство за отворена власт, Гордана Гапиќ Димитровска, која посочи дека процесот на ко-креација овозможува директно вклучување на сите засегнати страни.

– Преку отворен дијалог и активно учество, ќе креираме политики што ќе дадат конкретен одговор на потребите на граѓаните – изјави таа.

Новиот акциски план ќе се фокусира на клучни области како борба против корупцијата, зајакнување на интегритетот и отчетноста, дигитално управување, заштита на животната средина, како и развој на отворен парламент и отворено судство.

Во рамки на конференцијата беа презентирани и чекорите и временската рамка за подготовка на документот, при што учесниците активно се вклучија во тематски работни групи за дефинирање на приоритетите.

Од Министерството за јавна администрација нагласуваат дека остануваат посветени на оваа иницијатива, со цел да се обезбедат конкретни резултати и да се унапреди транспарентноста и ефикасноста на јавната администрација.