Законот за високото образование в понеделник повторно ќе биде поставен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) со сите забелешки што се прифатени за време на јавните дебати или доставени по електронски пат и по неколку дена ќе биде проследен во владина процедура.
Предлог-законот за високо образование од крајот на јануари беше еден месец на ЕНЕР, заедно со предлозите за закон за квалитет на високото образование и за научноистражувачка дејност, а МОН дополнително креираше и посебни е-адреси за сугестии и забелешки.
Во текот на февруари беа организирани и јавни дебати со јавните и со приватните универзитерти за да се слушнат мислењата на професорите, а министерката Весна Јаневска во повеќе наврати истакна дека сите издржани и аргументирани забелешки ќе бидат вградени во конечниот текст на предлог-законот, пренесе МИА.
-В понеделник повторно ќе биде поставен на ЕНЕР, два-три дена, за да се видат измените што се направени и веднаш потоа ќе оди во владина процедура. Многу забелешки прифативме, сè што сметавме дека е конструктивно, некаде каде што сме направиле некој пропуст, без одглед дали е номотехнички или малку посуштински. Законот е работен долго време, консултирани се многу експерти и многу други закони. Сметам дека финалната верзија ги почитува европските барања за подобрување на квалитетот во високото образование – истакна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на регионалната конференција за високо образование која денеска и утре се одржува во Скопје под покровителство на МОН.
Меѓу забелешките што се прифатени и ќе станат дел од законот таа денеска ги спомна – еден труд помалку како критериум за магистериум и за докторат, објавување трудови во базата Scopus за хуманистичките и општествените науки, намален процентот на банкарската гаранција за приватните универзитети, нови критериуми за изведување трет циклус студии според барањата од универзитетите итн































