Предлог-законот за високото образование в понеделник ќе биде поставен на националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за дикскуија и давање предлози и сугестии. Тој е еден од пакетот три поврзани закони – покрај него, на ЕНЕР се очекува да бидат поставени и Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност.
-Во моментов интерес во академската заедница најмногу предизвикуваат критериумите за избор во звања, финансирањето на универзитетите и можностите за напредување на целокупната академска заедница, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања на настан за европската образовна програма Еразмус+ на Економскиот факултет на УКИМ.
Таа најави и покачување на платите на наставниците во март, согласно четиригодишниот договор меѓу Владата и СОНК.
-Така како што сме се договориле, не само за оваа година туку во сите четири години, наставниците ќе добиваат зголемување на платата – мартовската плата, всушност во април, ќе биде покачена за 7,5 проценти – рече Јаневска.
































