Фото: Маја Јаневска-Илиева

Комисијата за здравство при Собранието на денешната седница едногласно изгласа заклучоци и препораки од Надзорната расправа на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје”.

На прес-конференција претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи соопшти дека Комисијата утврдила дека од вкупно усвоени триесет и три препораки и задолженија од Јавната расправа на тема „Енормно загадување на амбиенталниот воздух во Република Македонија” одржана во Собранието на Република Македонија во 2018 година, властите целосно или делумно спровеле само шест. За шест години, како што кажа таа, властите имале реализација од скромни и недоволни 15% реализација на препораките и задолженијата кои им биле дадени од Собранието.

Согласно исказите од раководните лица од државните институции кои учествуваа во надзорната расправа за состојбите во кои ги затекнале истите при преземање на функцијата од своите претходници, комисијата утврдила бројни недоследности во спроведување на законската регулатива како и негрижа за кадровските решенија што сериозно ја намалила функционалноста на институциите.

Комисијата утврдила потреба од измени и дополнување на законската регулатива и зајакнување на мерките за справување со аеро-загадувањето како и кадровскиот капацитет на институциите релевантни за борбата против аерозагадувањето. Заклучок на Комисијата е дека во борбата против аерозагадувањето потребна е силна мулти-институционална соработка, како и дирекна инволвираност на научната фела, индустријата, медиумите, граѓанскиот сектор и меѓународните организации.

– Долготрајната изложеност на загаден воздух допринесува кон појавата на бројни заболувања, дополнително ја влошува од други причини нарушената здравствена состојба, претставува неспорен фактор кој влијае на бројот на смртни случаи и нанесува огромна финансиска штета врз здравствениот систем во државата. Комисијата утврди дека за ефикасно справување со аерозагадувањето потребна е државна стратегија со долгорочни мерки со цел трајно подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целата теритирија на државата – рече Мизрахи.

Комисијата препорачува Владата, надлежните министерства, општините и градот Скопје да креираат мерки и решенија кои се базираат на релевантни податоци и мерења од релевантни институции и да се употребуваат научни и технички докажани методи за анализа и намалување на загадувањето. Се препорачува општините и градот Скопје да изработат планови за управување со квалитет на амбиентален воздух со јасно дефиниран временски распоред за спроведување на мерките опфатени со планот, да креираат мерки за намалување на загадувањето од согорување цврти горива во домаќинствата, да им се овозможи и понуди на граѓаните приклучок кон соодветен централен систем за греење, или да се субвенционираат почисти системи за греење на домаќинствата и енергетски ефикасна реконструкција на објектите.

– Комисијата препорачува на Владата, Министерството за локална самоуправа, Министерство за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање да изготват и достават до Собранието измени и дополни на Законот за инспекциски надзор, Законот за комунални дејности и Законот за јавна чистота со цел зајакнување на системот за контрола на штетните влијанија врз животната средина. Комисијата препорачува на Министерството за животна средина и просторно планирање, општините и градот Скопје да изготват дополнителни контролни мерки за издадените А и Б Интегрирани дозволи, како и за елаборатите за животна средина – посочи Мизрахи.

Се препорачува на Министерството за економија да изготви мерки за субвенционирање и поволности за набавка на возила со минимални емисии, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Државен пазарен инспекторат, Министерството за внатрешни работи и Царинската управа да изготват дополнителни контролни мерки за квалитетот на горивата и содржината на издувните компоненти од транспортот, МОН да го зголеми финансирањето на научни и стручни истражувања и иновации од областа на намалување на аерозагадувањето, Владата, општините и градот Скопје да ги заменат системите за загревање на јавните објекти кои продуцираат цврсти честички со системи кои немаат директна емисија на цврсти честички.

-Се препорачува на Владата и Министерството за социјална политика, демографија и млади, да овозможат инсталирање на системи за чист и свеж воздух во објектите во кои престојуваат деца и ранливи категории на граѓани, во општините каде е детектирана зголемена концентрација на цврсти честички, Министерството за економија да изготви законска регулатива за квалитет на цврсти горива. Комисијата препорачува зајакнување и зголемување на капацитетите на Ј.П. Национални шуми и надлежните институции за справување со шумските пожари – рече Мизрахи.

Се препорачува на Институтот за јавно здравје да спроведува кампањи за свесност по ризикот по здравјето и животот како и препораки за заштита на граѓаните за време на периодите со високо загадување на воздухот. Комисијата препорачува дека е потребно Министерството за животна средина и просторно планирање да изготви и достави до Собранието Закон за индустриски емисии во кој ќе интегрира и унапредени методи на мерење на издувната емисија.

Исто така Комисијата препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање да подготви сет на итни краткотрајни мерки за секој град за намалување на емисиите од индустријата и заштита на населението во периоди на зголемена концентрација на цврсти честички, Државниот инспекторат за животна средина да овозможи јавна евиденција за извшените контроли и преземените мерки за борбата против аерозагадувањето.

Таа нагласи дека во борбата против аерозагадувањето мора учествуваат сите чинители, почнувајќи од сите власти, контролните механизми и инспекторати, индустрија, граѓани (домаќинства), научни институции и истражувачи, стручни здруженија, медиуми и различни целни групи на граѓани.

Сослушувањето на сведоци траеше пет дена а зборуваа експерти, претставници на Светска Банка, невладин сектор, здруженија на граѓани и истакнати активисти, лекарска фела, Директорот на СЗО и директорката на Институтот за Јавно здравје, министри, заменици министри, одговорните лица и раководители на надлежните институции задолжени за постапување по заклучоците од јавната расправа на истата тема од 2018 година, а обраќање во надзорната расправа имаше и премиерот Христијан Мицкоски.

Вкупно учествуваа 42 сведоци, кои го дадоа својот исказ и одговараа на прашањата поставени од членовите на Комисијата, а дополнителни прашања поставуваа и сите други присутни и заинтересирани пратеници.