Министерот за одбрана Влади Мисајловски денеска оствари средба со Карл Форд, директор за одбранбено планирање во НАТО и предводник на тимот од Алијансата кој учествува во редовните годишни билатерални одбранбени разговори меѓу НАТО и Македонија.
На средбата било разговарано за одбранбеното планирање, модернизацијата на Армијата и исполнувањето на НАТО-целите за развој на одбранбените способности.
– Продолжуваме да инвестираме во Армијата, да ја јакнеме нејзината борбена готовност и да ги исполнуваме НАТО-целите на способности. Со силна Армија, придонесуваме и кон зацврстувањето на колективната безбедност на Алијансата. Во време на глобални геополитички предизвици заедништвото и сојузништвото е најдобриот начин да ја гарантираме безбедноста на регионот и евро-атлантската област – објави Мисајловски на својот Фејсбук профил.
































