Учесниците на панелот разменија идеи за унапредување на македонско-кинеските врски во повеќе области

Отворен панел: Размена на идеи за унапредување на односите помеѓу Македонија и Кина

Отвореноста на Кина за соработка со Македонија и идеи за унапредување на врските во повеќе области, вклучувајќи ги земјоделството, медицината и инфраструктурните проекти, како и за доближување на двата народа преку зајакнување на поврзаноста во туризмот, културната размена и спортот беа посочени на неодамнешната панел-дискусија во организација на кинеската амбасада во земјава

Предлози и идеи за зајакнување и проширување на врските помеѓу Македонија и Кина, вклучувајќи можности за унапредување на политичката, економската и културната соработка, беа изнесени на неодамнешна панел-дискусија во хотелот „Мериот“ во Скопје организирана од страна на кинеската амбасада во земјава, на која присуствуваа претставници на научната заедница, аналитички центри и на медиумите во Македонија.

Џанг Ѕуо: Да работиме заедно на зајакнување на меѓусебната политичка доверба и доближување на двата народа преку политика на заемно почитување

Од страна на амбасадорот на Народна Република Кина во Македонија, Џанг Ѕуо, беа искажани заложби за унапредување на односите и беше посочена досегашната економска соработка во која Кина останува важен трговски партнер на Македонија, во прилог на што беа споменати билатералната трговија и инвестициите во инфраструктурни проекти во рамките на иницијативата „Појас и пат“. Кинескиот дипломат испрати јасна порака дека Кина останува искрено отворена за заедничка соработка за зајакнување на меѓусебната политичка доверба и доближување на двата народа преку политика на заемно почитување.
– Се надевам дека заедно ќе работиме на зајакнување на меѓусебната политичка доверба и доближување на двата народа преку политика на заемно почитување. Веруваме дека и двете страни заемно ќе ги уважуваат меѓусебните интереси, со почит на принципот на „една Кина“. Очекувам од пријателите од медиумите да ширите реални информации за вистинската Кина до нашите македонски пријатели. Вратата на амбасадата и на мојот кабинет секогаш се отворени за информации, интервјуа и разговори. Секогаш сте добредојдени – нагласи кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо.

Детектирање на формите и содржините за понатамошно поврзување во повеќе сфери

На панел-дискусијата беа посочени повеќе области во кои постои простор за унапредување на соработката и за споделување на кинеските практики и знаења со Македонија. Тука, пред сѐ, беа споменати земјоделството и користењето на кинеското искуство при производство и извоз. Беше истакната потребата за помош при модернизација на железничката инфраструктура, што би било од голема корист за земјава, како и поврзувањето на полето на медицината со испраќање млади кадри од Македонија на специјализација и запознавање со напредните медицински практики во Кина.

Зголемувањето на поврзаноста во туризмот беше претставено како добра можност за доближување на двата народа и меѓусебно запознавање со културите. Се истакнува можност за промоцијата на македонскиот речен, езерски и рурален туризам во Кина, како и за внесување на земјава како дестинација на кинеските туристички тури во Европа. Беше посочено и значењето од културната размена со гостување на кинески уметници во Македонија, како и претставувањето на кинеските филмови и литература, а беше наведена и идеја за соработка во спортот. Претставниците на медиумите разговараа и за формирање регионален центар за медиуми што би опфаќал обука на кадри, размена на информации и соработка. Сепак, како клучна за понатамошно развивање на односите беше нагласена важноста од укинување на визниот режим за Македонија од страна на Кина.
– Дадовте убави идеи за соработка поврзана со туризмот, земјоделството, инфраструктурата, извозот и што е особено важно во медицината. Слушнав неколку клучни збор поврзани со односите со Кина, Европа и со САД, како и со иницијативата „Појас и пат“. Работиме на создавање кооперативен мултиполарен поредок и на геополитика на мирот. Кина стимулира модернизација со кинески карактеристики и нов модел на производствени сили за реализација. Со реализирање на моделот на кинески карактеристики ќе се воздигне кинеската нација по мирен пат. Тоа е наш концепт за модернизација и мир преку проекти за соработка во сите сфери за подобар живот – наведе кинескиот амбасадор во земјава.

Кина е промотор на светскиот мир и поттикнува можности за решавање на конфликтите

Неизбежна тема на панел-дискусијата беше и актуелната геополитичка ситуација во која вниманието на светската јавност е насочено кон конфликтите во Украина и на Блискиот Исток. Во тој контекст беше истакната кинеската заложба за мир, односно улогата на Кина за мирно решавање на воените судири.
– Сега ситуацијата не е мирна, кога повторно започнува воен оган во Европа. Кина не е учесник во украинската криза, но игра улога за нејзино мирно решавање. Целта на кинеската дипломатија е изградба на заедничка судбина за мирен свет и модернизација. Кина секогаш е промотор на светскиот мир и поттикнува можности за решавање на конфликтите, без разлика дали станува збор за Украина, Израел или за Црвено Море. Ниеден од тие конфликти не одговара на нашите интереси. Кинеската позиција нема да се промени, без разлика на обидите за дискредитација. Можеме да порачаме дека и следната Кина пак е Кина. А други држави не можат да ги решат сопствените внатрешни проблеми преку обидите за дискредитирање на Кина – потенцира кинескиот дипломат.

Штитењето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина беше нагласено како црвена линија и витален кинески интерес.
– Ако Тајван навистина побара независност, Кина ќе ги штити својот суверенитет и територијален интегритет. Нема да стравуваме кој е пред нашата врата, исто како и пред 70 години. Ние ќе реализираме обединување на територијата. Ако некои земји се инволвираат, тогаш хегемонот ќе падне уште побрзо. Ние не сакаме да видиме таква ситуација, но тајванското прашање е наша најцрвена линија и најфундаментален интерес – заклучува кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо.

На средбата беше дискутирано и за актуелната политичка ситуација во Македонија по парламентарните избори, како и за политичката клима во контекст на врските со Кина.