Фото: ЛС Прилеп

Н.Е. Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство во Македонија, денеска
беше во посета на Прилеп, при што оставри средба со градоначалникот Дејан Проданоски.

На протоколарната средба како што информираат од општината, присуствувале и
претседателката на Советот на Општина Прилеп, како и пратениците од Прилеп во
Собранието на Република Македонија.

Градоначалникот Дејан Проданоски пред амбасадорот ја претставил моменталната
состојба во општината, локалните потенцијали, унапредената бизнис клима, тековните и идните инфраструктурни инвестиции, како и поволностите што ги нуди Општина Прилеп за идните инвеститори, при што нагласил дека Прилеп отсекогаш се гордее со својата традиција, вредности и квалитетот што може да го понуди на Европа.

Амбасадорот Метју Лосон ја презентирал работата на Британската бизнис асоцијација, истакнувајќи ја јасната определба за зајакнување на деловните врски и подобра поврзаност меѓу компаниите – можност што отвора пат за нови инвестиции во регионот.

На средбата била отворена и темата за Договорот за стратешко партнерство меѓу
двете влади, чија реализација вклучува капитални проекти од огромно значење, меѓу кои и изградбата на хидроелектраните Чебрен и Галиште. Овие инвестиции се очекува да донесат силен развоен импулс за Прилеп и поширокиот регион.

Градоначалникот Проданоски потенцирал дека општината продолжува да ги
продлабочува билатералните односи и да работи на подобрување на условите за живот, развој и економски напредок на сите граѓани. Ка.М.