Фото: Нова Македонија

Сите мерни станици од Државниот мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух се во функција, но повремено податоците од одредени мерни места не се достапни. Поради застареност на серверска опрема што во изминатите месеци предизвикуваше повремени падови на системите, Министерството за животна средина и просторно планирање пристапи кон набавка на нова опрема.

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во моментот новата серверска опрема е набавена и инсталирана и во тек е мигрирање на системите и базите од стара на нова серверска опрема. Додека се врши миграцијата, како што се наведува, можни се привремени прекини или недостапност до одредени сервиси во текот на следните неколку дена за што посочуват дека навремено ја известиле јавноста преку веб-страницата и социјалните мрежи на МЖСПП.

Дополнително се спроведува и процесот на подесување на системот и заштита од надворешни упади преку интернет конекцијата.

Од МЖСПП информираат дека се прават напори да се забрза постапката и во најскоро време сите сервиси да бидат достапни. Напоменуваат дека податоците од сите мерни станици се достапни за МЖСПП и се следат, а доколку бидат надминати праговите на информирање или алармирање јавноста/општините ќе бидат навремено информирани и на сила ќе стапат соодветните мерки. Најавуваат дека сите податоци што не биле достапни на јавноста со ставањето во функција на новата серверска опрема ќе бидат ретроактивно достапни/видливи.

Заради транспарентност МЖСПП најави дека ќе објавуваат податоци за среднодневни концентрации од извршените мерења за РМ10 и РМ2,5 од претходниот ден. Повлечени се податоци од извршените мерења, со далечински онлајн пристап до логерите за податоци, од следните автоматски мониторинг станици за квалитет на амбиентен воздух: Миладиновци, Лисиче, Ректорат, Кичево, Велес 2, Центар, Лазарополе, Битола 1, Ѓорче Петров. Во моментот не е возможен пристап до податоците од мерните станици Карпош, Тетово, Струмица и Гевгелија.

-Во моментот врз основа на добиените и анализираните податоци за концентрациите на PM10 евидентно се забележува зголемување на загадувањето и надминување на среднодневната гранична вредност од 50 микрограми на метар кубен на повеќе мерни места. Прагот на информирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 100 микрограми на метар кубен во текот на два последователни денови) е надминат во Скопје на мерните места Центар и Лисиче и на мерните места во Гостивар, Прилеп, Кавадарци, Струмица, Кичево и Велес. Податоците се следат од страна на Министерството и доколку има услови за надминување на прагот на алармирање на ПМ10 и стапувањето на сила на мерките, граѓаните ќе бидат навремено информирани – се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.