Меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21. век“
На 07.05.2025 година во Музејот на македонската борба за самостојност се одржа 8-та Меѓународна научна конференција „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21. век“ во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Во рамките на Конференцијата на тема ”Глобалната динамика и можностите за поттикнување на економскиот раст: преглед на состојбите во туризмот, економијата, бизнисот, културата и културното наследство” говорници беа проф.д-р Татјана Бошков, деканка на Факултетот за туризам и бизнис логистика, г-дин Зоран Љутков, министер за култура и туризам, проф.д-р Николче Јанкуловски, заменик министер за финансии и м-р Драган Пехчевски, член на УО при Сојуз на стопански комори на Македонија. Согласно својата научна област и позиција каде што секој од нив дејствува, дадоа сеопфатна анализа, приказ на состојбите и стратегии во насока на креирање успешни препораки за подобро општество.
„Анализирајќи ја и оценувајќи ја тековната состојба и идните изгледи за развој на микро и макро план согласно движењата на глобалната економија, сметам дека од суштинско значење е зајакнувањето на одржливоста, зајакнување на продуктивноста и премостувањето на јазовите во структурните реформи кои се клучни за да се овозможи долгорочен раст. Неодамнешните индикатори за активност укажуваат на омекнување на изгледите за глобален раст. Понатамошната фрагментација на глобалната економија е клучна загриженост. Повисоките зголемувања на трговските бариери би го погодиле растот низ целиот свет и би ја зголемиле инфлацијата. Повисоката инфлација од очекуваната би предизвикала порестриктивна монетарна политика и би можела да доведе до нарушување на цените на финансиските пазари.
Според Светска Банка се предвидува дека шесте земји од Западен Балкан заедно ќе пораснат за 3,2% во 2025 година. Економскиот раст ќе биде умерено забавен во 2025 година поради послабата надворешна побарувачка и глобалната економска неизвесност. Имено, економиите во регионот треба да ги диверзифицираат изворите на раст и да ја обноват својата агенда за структурни реформи, вклучително и елиминирање на бариерите на пазарот на трудот за да се одржи економската отпорност. Приклучувањето кон SEPA и воведувањето „зелени ленти“ за поедноставување на прекуграничната трговија, би можеле дополнително да ја зголемат довербата во бизнисот, односно да привлечат инвестиции и со тоа да креираат дополнителни работни места.
Се поставува прашањето – како да се управува низ незивесноста? Меѓународната соработка е особено важна во овој момент. Неповолните страни од трговските притисоци ја зајакнуваат потребата од повторно заживување на реформите на домашната политика што ја зајакнуваат продуктивноста. Во оваа насока, технологиите за вештачка интелигенција се од особена важност за продуктивноста. Владите можат да помогнат со обезбедување достапност на брза дигитална инфраструктура, одржување на конкурентни пазари и обезбедување можности за работниците да ги подобрат своите вештини.
Што се однесува до Македонија, растот во 2025 година се очекува да достигне 2,6 проценти. Зголемување на царинските трошоци индиректно ќе влијаат врз економијата преку повеќе канали. Македонија бележи намалување на стапката на сиромаштија, која се проектира да се намали за уште 1,4 п.п до 2027 што сепак како проекција е несигурна на кус рок. Всушност, за да се одржи намалувањето на сиромаштијата на среден и долг рок потребно е подобрување на учеството на пазарот на трудот на младите и на лицата со пониско ниво на образование.
Глобалните услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, и ја нагласува потребата за водење претпазливи домашни макроекономски и структурни политики, бидејќи расположливите интелектуални ресурси покажаа колку реформите и промените се посакувани” – беше дел од обраќањето на проф.д-р Татјана Бошков.
„Туризмот и културата се основа за модерна економска стратегија. 8-та Меѓународна конференција насловена „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21 век“ е платформа за нови размислувања и иницијативи, насочени кон поттикнување на економскиот раст. Овие конференции се важни за длабинска анализа и конструктивна дебата за состојбите во туризмот, економијата, бизнисот и културното наследство. Туризмот има потенцијал да се трансформира во инструмент за локален економски подем, особено кога е поврзан со руралниот развој и дигиталната експанзија.
Како што посочив, Македонија има потенцијал, историја и иднина, но таа иднина се гради со визија и знаење. Убеден сум дека македонската Влада денес има непоколеблива намера, потенцијал и знаење, сево ова да го преточи во дело, за доброто на сите“ – истакна министерот за култура и туризам, г-дин Зоран Љутков.
,,Нашата заедничка цел е да создадеме туристички сектор кој што е конкурентен и одржлив при глобалните предизвици. Туризмот не треба да биде краткорочен извор на приход туку долгорочен столб на националната економија со јасно профилирана понуда, стабилни институции и професионални кадри. Во сето тоа науката има незаменлива улога. Ваквите конференции се мост помеѓу теоријата и практиката, платформи преку кои научните сознанија можат да се претворат во ефективни јавни политики и развојни решенија. Истите ја зајакнуваат врската меѓу академската заедница и креаторите на политики и создаваат простор за идеи кои што можат да прераснат во конкретни програми, јавни инвестиции или иновативни деловни модели. Министерството за финансии и понатаму ќе остане посветено на поддршка на знаењето, истражувањето и регионалната соработка. Само со заеднички сили академијата, институциите и приватниот сектор можеме да градиме стабилна и конкурентна економија“ – во своето обраќање потенцираше заменик министерот за финансии, проф.д-р Николче Јанкуловски.

„Нашата држава е мала и отворена земја, и во вакви турбулентни времиња на радикални менувања на светските економски модели, заканата по економскиот раст на нашата земја може да се претвори во можност преку зголемување на меките вештини на менаџерските тимови на компаниите, оптимизација на ресурсите, полесен пристап до финансии за иновации, и зголемување на продуктивноста со примена на зелени и иновативни техногии. Влегувањето во европски проекти кофинансирани од ЕУ и Владата на РСМ е императив за коморите и другите организации за поддршка на бизнисите, преу кои мрежното поврзување со регионот и градење на заеднички модели отпорни на значајни економски “земјотреси” се од суштинско значење. Туризмот како значајна економска гранка која контрибуира со 7.4% во БДП (2023) и вработува повеќе од 26.000 луѓе (пораст за 2.000 вработени период 2017-2023г), треба да се третира како извозна економска гранка бидејќи значајно допринесува кон обезбедување на девизен прилив и обезбедување рамнотежа на девизниот подбиланс на државата.
Вакви и слични конференции од меѓународен карактер, на кои присуствуваат значајни претставници од државата од клучни сектори, од академијата и од бизнисот, се основ за развој на иновации и документи за унапредување на економскиот амбиент во земјата и иновацискиот потенцијал“ – истакна м-р Драган Пехчевски, член на УО при Сојузот на Стопански комори на Македонија.