Јазичниот израз во медиумите е исклучително специфичен. Се придржува и ја промовира нормата од една страна, а сепак е отворен за нови решенија. Јазикот во медиумите е важен затоа што влијае и на развојот на стандардниот македонски јазик, и затоа е потребно да покажеме свесен елемент во јазичната политика. Да се обидеме да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои доаѓаат како резултат на глобализацијата.
Ова беа дел од пораките упатени денеска на 29. Меѓународен научен собир на тема „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, што се одржува во рамки на манифестацијата „Денови на Благоја Корубин“.
Директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска пред почетокот на настанот изјави дека јазикот во медиумите е многу важен, затоа што токму преку медиумите се гледа развојот на македонскиот јазик.
– Задача на новинарите всушност е да го промовираат македонскиот јазик во медиумите, поточно стандардниот македонски јазик. Меѓутоа, секаде во општеството се случува една демократија, па така демократијата постои и во јазикот. Токму од тие причини, ни се случуваат промени. Некои промени, како на пример оние на лексички план што се, ќе поминат. Ќе се користат година две, потоа ќе се заборават, па ќе дојдат нови зборови – подвлече Јованова-Грујовска.
– Најважно е да покажеме свесен елемент во јазичната политика, да влијаеме колку што можеме свесно на јазичните промени, да го зачуваме нашиот јазик и соодветно да реагираме на влијанијата кои се јавуваат како резултат на глобализацијата, која што е општ светски процес, па во тие рамки и во македонскиот јазик – рече Топлиска-Евроска.
Таа е на ставот дека најчести грешки се јавуваат во медиумите се употребување на англицизмите, турцизмите или србизмите.
Топлиска-Евроска потсети дека денешната тема е еден вид на надоврзување на една претходна традиција во развојна смисла, на децениска јазично-културна динамика во Македонија.
-Поранешните научни истражувања и денес остануваат актуелни. Далечната 1981 година беше одржана научна конференција со наслов „Јазикот во јавната комуникација“ со истакната имиња како Блаже Конески, Оливера Јашар, Благоја Корубин, потоа во 1999 година во рамките на „Денови на Благоја Корубин“ повторно имавме научен собир со тема „Јазикот во јавното општење“. Тоа се тие два континиума во тој процес на следење на медиумската писменост. И следствено на нив се случува и третиот собир што се организира денеска и утре „Јазикот во медиумите (состојби, предизвици, перспективи)“. Собирот е важен затоа што оваа година се навршуваат 30 години од смртта на Благоја Корубин – додаде Топлиска-Евроска.
Собирот ќе се одржи и во текот на утрешниот ден во просториите на Институтот за македонски јазик во Скопје. Ннајавено е учество на над 40 учесници, со 35 наслови на реферати.