Во моментот најдраматична е состојбата со Преспанско Езеро, но од судбината на ова езеро зависи иднината и на Охридско Езеро. Ништо подобра не е состојбата ниту со Дојранско Езеро, кое еднаш беше спасено од целосно исчезнување, но сега повторно се соочува со истиот предизвик исклучиво поради институционална немарност. Дополнително загрижува и намалената штедрост на речните извори, што придонесува реките да го губат водниот потенцијал и да стануваат потоци, особено во летните месеци. Тоа на долг рок значи несигурност во пристапот до вода
Ниту нафтата, ниту гасот, ниту литиумот ќе бидат важни ако исчезне главниот ресурс на планетата (2)
„Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе пишува за нужната потреба од зачувување на водата како стратешки ресурс и нејзино рационално управување, со предлози за долгорочна стратегија и мерки што би го осигуриле водоснабдувањето во земјава, од што зависат и земјоделството, енергетиката, индустријата, туризмот, како и секојдневните потреби на населението, во услови кога светот се соочува со недостиг од главниот природен ресурс поради несоодветно трошење и во услови на сѐ поголеми климатски закани
Езерата и реките се клучните ресурси од кои зависи иднината на Македонија, а во време кога светот вложува максимални напори да ги обезбеди сите можни водни ресурси за следните најмалку сто години, во земјава и натаму владее перцепција дека водата вечно ќе ја има, без оглед колку расипнички се однесуваме кон неа.
Но сигналите што природата ни ги испраќа изминатите неколку децении се дека водата ќе ја има сѐ помалку, а за тоа најдобро говори состојбата во трите македонски природни езера, кои се сметаа како клучна резерва доколку во некои идни времиња дополнително се намали штедроста на изворите. За жал, она што треба да биде природна резерва на вода, забрзано исчезнува пред очите на македонските граѓани, и тоа во само еден генерациски циклус.
Во моментот најдраматична е состојбата со Преспанско Езеро, но од судбината на ова езеро во добар дел ќе зависи и иднината на Охридско Езеро. Ништо подобра не е состојбата ниту со Дојранско Езеро, кое еднаш беше спасено од целосно исчезнување, но сега повторно се соочува со истиот предизвик исклучиво поради институционална немарност. Дополнително загрижува и намалената штедрост на речните извори, што придонесува реките да го губат водниот потенцијал и да стануваат потоци, некои дури и да пресушуваат. Тоа е особено забележливо во летните месеци. Тоа на долг рок значи несигурност во обезбедувањето резерви од вода, што може да доведе до миграциски процеси во иднина.
Исчезнувањето на Преспанско Езеро се случува пред наши очи
Преспанско Езеро, второто по големина природно езеро во Македонија и едно од најстарите езера во Европа, се соочува со егзистенцијална криза, а предупредувањата на научниците одат дотаму дека ако веднаш не се преземат итни и сериозни мерки, езерото би можело да се испразни за помалку од 40 години.
Најновите мерења покажуваат дека нивото на езерото е намалено за 55 сантиметри во споредба со минатата година, што претставува загуба од 120 милиони кубни метри вода, двојно повеќе од годишниот просек. Според експертите, ова е најлошата ситуација од црните 1980-ти години наваму.
Според податоците на УХМР, Преспанско Езеро се повлекува од 1963 година наваму, а во изминатите 62 години езерото загубило околу 60 отсто од волуменот на водата.
Имајќи го предвид фактот дека и ова лето беше екстремно топло, без никакви врнежи, сето тоа дополнето со податокот дека изминатата зима не дотече очекуваната вода од топењето на снеговите, која придонесуваше за зголемување на езерското ниво за 40 сантиметри, сценариото што следува е крајно драматично или буквално катастрофално.
– Преспанско Езеро досега загуби вода на две дојрански езера, можеби и нешто повеќе, што за нас како држава е загуба на огромен воден ресурс. Што е уште потрагично, загубата на водата продолжува со забрзано темпо имајќи ги предвид неповолните хидролошки состојби од година на година. За помалку од 40 години езерото може да го снема и да останат само неколку дупки со вода, која повеќе од веројатно ќе биде токсична бидејќи нема да биде проточна, нешто слично како она што се случува со водата во Велешко Езеро. Со други зборови, во 2060 година можеби и нема да го имаме Преспанско Езеро повеќе како воден потенцијал, а гледано временски кога станува збор за вакви процеси, тоа буквално е утре – предупредуваат експертите.
Според некои математички модели на климатолозите, поради таканаречената Северноатлантска осцилација (North Atlantic Oscillation – NAO), врнежите во регионот на Медитеранот ќе се намалат за 20-40 отсто до крајот на векот, така што доколку се оствари ова сценарио, тогаш човекот нема да може со никакви мерки да го спаси Преспанско Езеро.
И Дојранско Езеро пред нова еколошка катастрофа
Најновите податоци од УХМР покажуваат дека и нивото на водата на најмалото македонско природно езеро, Дојранско, драматично опаѓа, односно дека цела година е со ниво на водата од околу 80 сантиметри под дозволениот минимум. Македонската јавност ја памети агонијата на ова езеро од 1990-тите години на минатиот век, кога тоа буквално беше пред исчезнување поради неконтролираното празнење најмногу од грчка страна. Но благодарение на проект на тогашната македонска влада, со кој се изгради хидросистемот Ѓавато, кон езерото се насочи постојан дотек на свежа вода, која за неколку години ја врати загубената водна маса и езерото беше спасено.
За жал, поради институционална негрижа, пред некоја година пумпите беа исклучени, системот престана да доставува вода во езерото и тоа почна повторно да опаѓа и да се повлекува.
– Без оглед што Дојранско Езеро е мало по површина, сепак е некаков воден ресурс што може многу да значи за југот на земјата. Треба системот итно да се санира, да се врати во функција и на тој начин да се одржува ова езеро во живот, со искрена надеж дека во следните децении и климата ќе се промени, ќе зачестат врнежите и природните водни дотеци ќе се зголемат, па нема да има потреба од дополнување на езерото, туку оваа вода од бунарите во Ѓавато може да се насочи и за други потреби или, пак, да се чува за, не дај боже. Најважно е дека таму имаме добри водни резерви – посочуваат експертите.
Охридско Езеро е нашиот најголем природен воден капитал
Она што е евидентно, тоа е дека Охридско Езеро е најголемиот природен воден ресурс што го има земјава, кој во најголем дел од годината има стабилно ниво на водата, има постојан доток на свежа вода од повеќето извори и истовремено контролиран истек.
Токму проточноста го подига квалитетот на водата буквално до прва категорија, што значи на ниво на пивка вода, што е реткост во светот и е огромно водно богатство за Македонија како држава.
Сепак, експертите предупредуваат дека последиците од евентуалното исчезнување на Преспанско Езеро би можеле да се одразат и врз штедроста на изворите во Охридско, што би можело да влијае и врз нивото на Охридско Езеро во иднина.
– Несомнено ќе има влијание врз Охридско Езеро ако дојде до пресушување на Преспанско Езеро. Можеби не од толку катастрофални размери, имајќи ја предвид големата длабочина на Охридско Езеро, но нивото секако ќе се намали. Затоа мора поодговорно да се однесуваме кон она што значи наше водно богатство, особено ако го имаме предвид фактот дека климатските предвидувања не се премногу оптимистички во поглед на зголемени врнежи. Мораме да сме свесни за нашите природни водни ресурси и да гледаме напред еден век, оти ако останеме без езерата, тогаш немаме големи шанси за опстанок во време кога Европа и светот однапред склучуваат договори како да ги менаџираат сите можни водни ресурси – констатираат експертите.
И вештачките акумулации редовно на минимум
Ништо подобра не е состојбата ниту со вештачките акумулации, кои сега во текот на целата година се на минимум, најмногу поради потребата од производство на електрична енергија.
Лошото менаџирање во енергетскиот сектор со години доведе до тоа поради одредени бизнис-интереси неконтролирано да се троши водата за производство за струја, дури и тогаш кога немало потреба за државата, но поради други берзански манипулации со цената на електричната енергија, најбезобѕирно се трошеше водата исклучиво заради интересите на одредени лоби-групи.
– Поради бизнис неконтролирано се троши водата во акумулациите, иако и таа треба да биде наше богатство, особено во време кога сѐ помалку ја има. Не смее да се дозволува празнење на вештачките езера, туку минимумот да се подигне малку повисоко, за да може секогаш да имаме доволни резерви на вода. Тие акумулациски езера подобро е да се користат повеќе како резервоари за вода, за да може во иднина да се смета и на нив, бидејќи очигледно водата веќе не е обновлив извор на енергија, оти сѐ помалку ја има. А акумулации имаме блиску до секој град, Матка и Козјак близу Скопје, Велешко Езеро и Лисиче кај Велес, Липковско Езеро кај Куманово, Тиквешко во централниот дел на земјава, во западниот дел на Македонија се Мавровско и Дебарско Езеро, па преостанатите езера по течението на Дрим. Тука се и Беровско Езеро, Водоча, Калиманци, Мантово, Стрежево, Прилепско Езеро. Сето ова говори дека имаме изградени капацитети за постојано складирање вода, но таа треба рационално да се користи – предупредуваат експертите.
Реките пред пресушување
Дополнителна причина за загриженост е и намалената штедрост на речните извори во последните децении. Од година на година реките имаат сѐ помалку вода, а во летните месеци буквално се сведуваат на потоци. Таква е состојбата со Вардар, Треска, Лепенец, Пчиња, Бабуна, Брегалница, Црна Река, кои сега не се ниту оддалеку полни со вода како пред четири децении.
Нивото на реката Вардар во Скопје и низ Велес е мошне ниско, двојно помалку од просекот. Во јули нивото на водата беше помеѓу 24 и 26 сантиметри, а просекот за јули е 47 сантиметри. Водата во хидросистемот Лисиче, од кој со вода за пиење се снабдува Велес, е намалена за 12,8 отсто. Намалени се и другите капацитети за водоснабдување, особено на градовите, така што ако продолжат сегашните трендови, тогаш за четириесетина години реките ќе бидат потоци и воопшто нема да ги задоволуваат потребите за водоснабдување на големите градови.
Несомнено, сите овие состојби бараат итна реакција и стратегија и проекти што ќе значат долгорочна визија за тоа како Македонија да ги обезбеди водните ресурси на подолг рок. Во продолжение на серијалот за водните ресурси ќе наведеме и некои од можните решенија за тоа како земјава да обезбеди зачувување на водните богатства со кои располага на подолг рок, за да може водата да биде достапна за повеќето идни генерации.