Фото: Пиксабеј

Забраната за движење во шумите продолжува до 30 септември, соопшти попладнево Министерството за земјодество, шумарство и водостопанство. За непочитување предвидена е глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.

Од Министерството ги повикуваат граѓаните на особена претпазливост со цел спречување на појавата на пожари на отворен простор. Посочуваат дека и во периодот што следи не е намалена опасноста од појава на пожари на отворен простор и дека граѓаните треба да бидат особено внимателни бидејќи, поради високите температури, ризикот од појава на пожари на отворен простор сè уште е голем.

– Од суштинско значење е јавноста да ги разбере опасностите, како и последиците од појавата на пожари на отворен простор и со своето однесување да придонесе кон заштита и зачувување на шумите, односно животната средина, имотите и заедниците во целина – велат од ресорното Министерство.

Според утринските информации на Центарот за управување со кризи регистрирани биле вкупно 18 пожари на отворен простор од кои 13 се изгаснати. Остануваат активни два пожари, а три се ставени под контрола.