Фото: Пиксабеј

На сите поголеми превои и планински патишта во западна Македонија вечерва има забрана за сообраќај на тешки товарни возила, откако овој дел од државата го зафатија обилни врнежи од снег.
Камионите не смеат да се движат на патните правци: Дебар – Маврово, Охрид – Кичево (превојот Пресека), Кичево – Гостивар (Стража), Тетово – Попова Шапка (забрана за ТМВ, за сите останати видови возила задолжителна е употреба на зимска опрема) и Битола – Ресен (Ѓавато), додека во прекин е сообраќајот Охрид-Ресен кај превојот Буково, поради сообраќајна незгода, информираат од АМСМ.

На превојот Стража, еден од најкритичните патишта за сообраќај, два камиона се заглавиле во снегот и го блокирале сообраќајот, што предизвикало значителен застој.

Претходно, „Македонија пат“ соопшти дека поради сообраќајна незгода, во прекин е и сообраќајот на патот Ресен-Охрид преку планинскиот превој Буково.

Силни врнежи од снег има и на автопатот од Скопје до Гостивар, а отежнато е и движењето на Плетвар. Од попладнево забрана за тешки товарни возила е воведена и на патот Прилеп-Македонски брод.
Попладнето околу 15 часот, пак, на автопатот Скопје-Тетово возило излета од коловозот и заврши надвор од заштитната ограда.
Од МВР велат дека надлежните институции постојано работат на расчистување на патиштата, а полицијата е на терен за да се зајакне безбедноста на граѓаните. Полицијата апелира до сите возачи да бидат внимателни, да ја прилагодат брзината спрема условите на патот и да се придржуваат до сообраќајните правила.