Фото: Маја Јаневска Илиева/Илустрација

На граничниот премин „Блато“ на македонско – албанската граница кај Дебар, за викендот регистрирана е најголема фреквенција до сега, потврдува официјалната статистика на Министертвото за внатрешни работи, според која, од петокот во 10 часот до денеска до 10 часот, на влез и излез од нашата земја евидентирани се вкупно 15.686 патници.

-Гледано одделно на влез во земјава се регистрирани 7.507, додека на излез 8.179 патници, од нив 7254 македонски, односно 8432 странски државјани. Поконкретно влез во државата оствариле 2543 а излез 4711 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани влез во нашата држава оствариле 4964, а ја напуштиле 3468 странски државјани- изјави за МИА, Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Видно зголемената фреквенција, пред сè се должи на високите температури и заминување на нашите граѓани на албанското крајбрежје а во саботата и поради големиот број навивачи кои присуствуваа на фудбалскиот натпревар Албанија – Србија.

-Од страна на МВР се преземаат сите мерки и во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници, се разбира со спроведување на задолжителните гранични проверки- додава Андреевски.

Поради зголемената фреквенција на патници и возила, а во интерес на патниците, кои во сè поголем број го користат овој граничен премин, од неодамна поставен е уште еден контролен шалтер, опремен со целата потребна опрема, со што нивниот број е зголемен на три а постојните се целосно обновени, со цел да се олесни протокот.

Во последните неколку години фреквенцијата на овој премин забележа зголемување, за над 60 отсто. Тоа по изградбата на автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит), кој беше пуштен за сообраќај во ноември 2021 година, со што оддалеченоста од преминот до Тирана до средината на март изнесуваше 80 километри, што беше намалување на оддалеченоста за стотина километри. Од средината на март годинава, кога беше пуштен за сообраќај мостот Муриз оддалеченоста е уште помала, па од Дебар до Тирана сега се стигнува за еден час.