фото: Влада

За 20 дена ќе биде готова новата градинка во населеното место Потстаница во населбата Драчево, најави денеска градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, откако заедно со премиерот Христијан Мицкоски изврши увид на активностите на терен. Во објектот со три занимални, со вкупна површина од 300 метри квадратни ќе бидат згрижени 75 дечиња.

– Задоволството е огромно кога гледате како работите напредуваат, посебно кога станува збор за нашите најмлади, за дечињата. За неколку недели од денеска овој објект ќе биде целосно функционален и во годините коишто следат би требало да биде дом на отприлика 70-тина дечиња. И во таа насока ќе продолжиме и во периодот којшто следи – изјави претседателот на Владата Мицкоски.

Потсети дека од претходната Влада беше наследена, како што кажа, една прилично хаотична и катастрофална состојба. Главен приоритет на Владата ќе биде изработка на инфраструктура бидејќи, како што рече, демографијата е еден од водечките предизвици коишто оваа Влада ќе треба во годините коишто следат да ги совлада.

– Затоа што демографијата подразбира каква иднина ќе имаме, дали ќе имаме иднина со многу дечиња или иднина во којашто за жал ќе биде и нацијата доведена под знак на прашање. Еден од тие параметри во таа равенка е токму обезбедување доволно сместувачки капацитети за дечињата, бидејќи најголемиот дел од младите кога ги прашувате, како одговор кажуваат зошто не се одлучуваат на формирање семејство или многудетно семејство е токму листите на чекање во градинките – рече Мицкоски.

Владата, рече тој, ќе работи да нема листи на чекање и да има повеќе капацитети за згрижување дечиња.

– Тоа е она кое што е основна и суштинска политика на оваа Влада – рече премиерот.

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски изјави дека во Скопје се отпочнува со реконструкција и изградба на 16 градинки и дека во нив ќе бидат згрижени повеќе од 2160 деца. Велковски смета за најмногу година и половина со тоа ќе биде надминат проблемот со згрижување на децата во градинките во Скопје.  Во однос на кадарот, Велковски рече дека поради тоа што претходната влада не давала согласности за вработување на восоитувачи и негувателки во градинките, испразнети се повеќе од 1.700 работни места. Местата се пополнуваат, и според заменик министерот, во сите општини во Македонија има повеќе од 600 вработувања.

– После завршување на изборите овој процес ќе продолжи и до крајот на годината ќе имаме групи со доволен број кадар – рече Велковски.

Градоначалникот на Кисела Вода Ѓорѓиевски потенцираше дека во општина Кисела Вода листите на чекање се сведени на нула и оти ова е една од ретките општини што се отворени за згрижување на дечиња од други општини. Ова е десетти ваков објект, а се прави уште едно проширување во Драчево, каде ќе се згрижуваат уште 60 деца, а привршуваат и работите за градинката во Расадник, со капацитет од 125 дечиња.