Фото: МОН

Според резултатите од полагање на државна матура откриени се 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека четорица се фатени како препишуваат по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценување на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати. На 268 ученици на кои им е изречена мерката поништување на испитот ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.

Најмногу препишувачи на државна матура откриени во „Арсени Јовков“ и во „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје

Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска смета дека е добро да се размислува за обезбедување на блокатори во просториите каде што ќе се полага матурата, но и за обезбедување одредени бенефиции за оние тестатори и набљудувачи кои добро ја работат работата, а воедно и мерки за оние кои не ги исполниле условите, односно не ги испочитувале правилата докрај.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави две новини за подобра организација на полагањето на државната матура. Рече дека ќе инсистира полагањето на државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори.

Матурантите добија 3,25 на матура, оценка пониска од претходните години

– Ќе инсистирам полагањето на државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање – истакна Јаневска.

Како што додаде, мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти. За следната година најави и мерка којашто се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.

На новинарско прашање во врска со начинот на пресметување на бодовите за добивање оценка, директорката на ДИЦ рече дека не се објавуваат бодови туку перцентили, затоа што тоа е пореален начин за прикажување на успехот на учениците.

– Перцентилите не покажуваат процент на решеност, туку покажуваат од колку ученици конкретниот ученик е подобар без оглед колку го решил тестот. Доколку тестот носи 100 поени и доколку кажат стручните лица коишто го правеле тестот дека 90 поени се потребни за 5, може да се случи да е тежок тестот и ако кажеме дека 90 поени се потребни за 5, може да се случи ниту едно дете во државата да не добие ниту една 5. Затоа, не е поврзано со конкретни поени, туку кога ќе ги добиеме резултатите се определува колку поени се за двојка, односно за полагање на тестот. Начинот на којшто се определуваат перцентилите се многу транспарентно опишани во Правилникот за државната матура. Не е точно дека некој самоволно одредува. Тоа се стручни лица – рече Михајловска

Таа потврди дека сите ученици кои поднеле приговор имаат право да ги видат тестовите по завршување на процесот на приговори.