Реформите на правосудниот систем се работат и се во завршна фаза и треба да се донесат до крајот на јуни, изјави премиерот Христијан Мицкоски, изразувајќи дилема дека нешто од тоа ќе функционира без промена на менталниот склоп на поединци и „со вакви судии и обвинители, кои што се бирани на начин на кој што се бирани“.
Според Мицкоски, станува збор за мала група, но, како што вели „таа мала група го контаминира она поголемо ткиво кое заслужува да биде и судија и обвинител“.
-Ќе ги донесеме законите кои што се во согласност со Оценската мисија, со Извештајот, најбрилијантните. Како што се побарани, така ќе ги донесеме, но јас ве уверувам, дека ако не се промени менталниот склоп кај поединци, за бадијала ни се нас најдобрите закони. За жал тоа кај нас тешко ќе оди, поради рецидивите од минатото и политичката концесија што мал дел од тие луѓе ја имаат кон некои нивни стопани кои што денеска не се тука. Тоа е суштината. Јас не очекувам дека ќе имаме некакви брилијантни поместување, но наше е да се трудиме и бориме – изјави премиерот Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.
Во една таква состојба, според Мицкоски, не можеме да очекуваме брилијанти решенија, дури и утре да бидат донесени најбрилијантните закони.
-Друго е потребата од реформи поради начинот на носење на Кривичен законик со европско знаменце овде во Собрание, кога една голема група политички функционери се амнестираше. Тоа е друго и создава мачнина и чувство на гадење во јавноста, кое што се пренесува и ден денеска, без разлика што е друга влада. И во такви услови сега се бориме со однапред загубена борба – изјави Мицкоски.
Наскоро, нагласи Мицкоски ќе дојдат и тие закони, но, како што вели, „ако немаме кој да донесе правда, и ако се уште за жал проектира неправда, попусто ни е се“.
Во однос на работата на Судскиот совет, Мицкоски посочи дека доволно кажува за каков профил на личности станува збор, кога „и покрај изгласаната недоверба на членовите во Собранието, тие и понатаму продолжуваат да бидат дел од Судскиот совет, да земаат илјадници евра месечен надомест, притоа уживајќи помалку од 2 проценти доверба кај граѓаните и никому ништо“.
-Зарем вие очекувате од овие луѓе нешто повеќе. Јас не. Образ ѓон – изјави Мицкоски.
Мицкоски упати остри реакции и за Советот на јавни обвинители за случајот со Теодора.
-Но, не е само тоа. Во случајот има и една друга институција Советот на јавни обвинители, таму има замислете еден виш јавен обвинител кој што бара да се намали првостепената пресуда. Затоа што овој случај има прв дел од пресуда од 3 и пол години, се жали обвинителот на ниска казна, неговиот надреден кој што е во Вишото ја прифаќа одлуката, односно прифаќа таа да биде помала од 2 години – рече Мицкоски.
Ако некој мисли дека ние имаме кратко помнење се лаже, рече Мицкоски, нагласувајќи дека нема така едноставно да поминуваат некои работи и дека „правдата мора да биде неприкосновена и да ја добијат сите“.