Фото: Пиксабеј

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Белград, по средбата со унгарскиот претседател Тамаш Шујок, кој е во официјална посета на Србија, изјави дека се надева дека ден пред отворањето на брзата пруга Суботица-Нови Сад, ќе биде потпишана изјава за воспоставување на брза пруга меѓу четири земји – Унгарија, Србија, Македонија и Грција, односно од Будимпешта сѐ до Патра, во должина од 1.683 километри, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ, кој пред две недели најави дека брзата пруга Суботица-Нови Сад ќе се отвори на 24 ноември, на денешната прес конференцијата изјави дека тоа ќе биде неверојатен проект.

– Она што е важно граѓаните на Србија да го разберат е дека наскоро доаѓа кај нас чешкиот премиер за два-три дена, тие градат брза пруга кон Братислава. Оттаму Словаците работат кон Будимпешта, и од север, од Варшава, сите краци исто така одат кон Будимпешта. Така што оттука ќе бидеме целосно поврзани со северот и североисток на Европа и со цела централна Европа, значи Беч-Братислава-Прага. Со ова Будимпешта и Белград стануваат многу важни центри – изјави Вучиќ.

Тој објасни и како ќе функционираат контролите на брзата пруга меѓу Белград и Будимпешта и како тоа ќе го забрза патувањето.

– Кога ќе имаме брз воз и брза пруга Белград-Будимпешта, ние веќе се договоривме со нашите унгарски пријатели, унгарската полиција и царина да бидат во Белград, а српската во Будимпешта. Нема да има губење време и стоење на граница. Нема да има малтретирање на граѓаните и бескрајно сум им благодарен на пријателите Унгарци што го прифатија нашиот предлог. Од Белград до Будимпешта ќе се патува за два часа и 40 минути. Веруваме дека нашите унгарски пријатели ќе ја завршат својата работа до крајот на 2026 година – изјави Александар Вучиќ.

Претседателот на Унгарија, Тамаш Сујок рече дека постои одлична соработка во однос на изградбата на пругата меѓу Белград и Будимпешта и изрази благодарност за завршувањето на делницата низ Србија.

– Се надеваме дека во следните неколку години ќе успееме да обезбедиме започнување на железничкиот сообраќај и во Унгарија на таа пруга, сè до Будимпешта. Во оваа смисла, исто така, ќе направиме се што е во наша моќ да го олесниме и забрзаме преминот на границата доколку е потребно и со отворање на нови гранични премини – рече тој.