Свето Тоевски
Повод: Изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, кој ѝ порача на Македонија дека „ниедна земја не се зачленила во ЕУ без да плати цена“
Република Македонија повеќе нема да плаќа ништо за своето посакувано влегување во Европската Унија! Македонската држава, македонскиот народ и нацијата веќе платија премногу во изминативе неколку години, и тоа со авансирање на бесценети идентитетски вредности. Меѓународните либерални елити ги искористија нив за демонтирање на македонскиот идентитетски комплекс (барања наметнати однадвор, поддржани однатре). Македонија навистина не доби ниту „утешен европски приврзок за клучеви“, штом не ни се даде „клучот за отворање на вратите на еврорајот“
Нема повеќе место за отстапки. Напротив. Стигнавме до моментот кога заврши распродажбата на бесценетите вредности со предзнакот „македонски“, кои претходната владејачка гарнитура започна за бадијала да ѝ ги распродава на Софија, но и на Атина. Ние го направивме она нешто што нашите предци ни во сон не го сониле, велат нашите соговорници, универзитетски професори по историја.
– Токму ова треба да го има предвид бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, кој ѝ порача на Македонија (наредбодавно и дрско) дека треба да се „плати цена за влез во ЕУ“. Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, со иста интонација се огласи со апсурдни тврдења дека „земјата се оддалечува од Унијата со пораките, кои се испраќаат, со континуираното неказнување на говорот на омраза, но и со крадењето на бугарската историја“. Вистинскиот крадец и фалсификатор на македонската историја – Бугарија, ја напаѓа Македонија дека ја „краде бугарската историја“, а поправо Македонија само ја штити својата автентична македонска историја од бугарските крадци и фалсификатори, сместени во највисоките нивоа на политичката власт и научните институции и Бугарската академија на науки!? – велат нашите соговорници, професори по историја на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Бугарија не плати никаква „цена“ за влез во ЕУ, туку беше внесена во неа со политичка одлука, а далеку дека беше подготвена за тоа!
– Нема план Б, треба да се смени Уставот, бидејќи ниедна земја не се зачленила во ЕУ без да плати цена – изјави завчера шефот на бугарската дипломатија Георгиев.
За да видиме каква „цена платила“ платила Бугарија за своето влегување во ЕУ, ќе го наведеме извештајот на Европскиот ревизорски суд (ECA), објавен на 19 септември 2016 година.
– Бугарија и Романија влегоа во Европската Унија во јануари 2007 година, и покрај мислењето на ревизорите дека не се подготвени за пристап – има утврдено Европскиот ревизорски суд. Иштван Саболч Фазакаш, како негов претседател, се консултирал со тогашниот комесар за проширување Оли Рен, кој му рекол: „Извини, предоцна е, рацете ми се врзани. Политичката одлука Бугарија и Романија да влезат во ЕУ на 1 јануари 2007 година ја донесоа членките по препорака на Европската комисија“.
– Јасно е како ден дека Георг Георгиев не ја кажува вистината: Бугарија не платила никаква „цена“, за да влезе во ЕУ, туку едноставно била внесена/кооптирана во Унијата во „пакет“, од политички, или геостратегиски причини, сеедно. Арно ама, Георгиев се обидува сега да им продава „европска магла“ на Македонците по прескапа цена, и дополнително да извлече нешто што Софија одамна го сака, го прижелкува, нешто што Македонија и Македонците го имаат во својата историја, а Софија го сака за да се посипе со пепел и да се префрли на вистинската страна на историјата. Имено, да не заборавиме, Софија токму ги сака Македонците (да бидат Бугари), за да се прикажат тие како носител на прогресивните историски настани, а да ги потиснат колективните сеќавања и историските факти дека отсекогаш Софија во големите европски и светски превирања била на темната страна на деструктивноста – ни издвоија нашите соговорници, историчари. Македонија и Македонците ќе им послужат историски да се „шлепаат“, велат тие.
Оддалечување од ЕУ или враќање назад кон Македонија?
Според бугарската потпретседателка Јотова, Македонија „сѐ повеќе се оддалечува од членство во Европската Унија“. Во изјава за бугарските медиуми таа оценува дека „неодамнешните случувања во Европскиот парламент се скандалозни“ и оти претседателот на Европскиот парламент би требало да обрне многу внимание на писмото од 17-те бугарски европратеници во кое тие го обвинуваат известувачот за напредокот на земјава Томас Вајц оти „бил цел на влијание од македонска страна за да го запостави насилството врз Бугарите во земјата“.
Не случајно се вели дека нападот е најдобра одбрана, така и Јотова измислува „насилство врз Бугарите во земјата“, за да ја прикрие вистинската институционална дискриминација врз Македонците што живеат во таа држава. Јотова говори за оддалечување од ЕУ, но всушност Македонија започнува да се враќа самата кон себе, сѐ уште ниту за милиметар не отстапувајќи од патот кон ЕУ, кој, ваков каков што е замислен од официјална Софија, е само пат кон бездната и кон „целосно решавање на македонското прашање“.
Можат ли Јотова, Георгиев или кој било бугарски политичар да дадат вистински и нормален, рационален одговор на прашањето: зошто се сметаат како „говор на омраза кон Бугарија“ изнесувањето научни факти и аргументите за Македонија и одбраната на македонската етничка и јазична засебност? Зошто се смета како „говор на омраза кон Бугарија“ отфрлањето на великобугарските и против позиции, вградени посебно во двата протокола кон „добрососедскиот договор“ дека македонскиот народ, јазик и историја имаат бугарски корени и темели, дури и кога не се пласираат никакви негативни ставови кон бугарската држава и народ? Дали треба да се испозатворат сите стотици илјади Македонци, сите интелектуалци, новинари и политичари, кои се противат на „Бугари во устав“, па да биде Јотова конечно „задоволна“?
Став: Налудничавото барање да се плати ЕУ-(у)цена со внесување „санстефанска атомска бомба“ и великобугарска државотворна агенда во темелите на македонската држава
Нова ЕУ-(у)цена?!
Свето Тоевски
Да се плати европската цена за евроинтегрирањето на Македонија би значело внесување не само на непостојниот „бугарски државотворен народ“ во Уставот туку и внесување „санстефанска атомска бомба“ и великобугарска државотворна агенда во илинденско-асномските темели на македонската држава, по што за релативно кратко време од неа не би останало ништо. А напоредно со тоа би следувала, во име на „зачленувањето во ЕУ“, и брзата бугаризација на Македонците. Ова е (у)цената што бара бугарскиот министер за надворешни работи Георгиев да ја платат Македонија и македонскиот народ, за да „продолжат“ по „патот кон ЕУ“ – „поплочен со „мал милион“ бугарски и грчки мини во вид на блокади, вета, уцени, диктати и ултиматуми. Доста беше со отстапките. И премногу. Затоа нека не им продаваат Георгиев, Јотова и другите бугарски политичари „евтина европска магла“ на Македонците и другите македонски граѓани: на оваа и ваква Европска Унија ѝ опаѓа „цената“, ама сепак се рекламира и натаму.
Ако нема место за Македонија и Македонците такви какви што се, со свој македонски идентитет, јазик, култура и историја, тогаш навистина ќе дојде време за алтернативниот план Б: поширокиот геополитички исчекор во светските политички меридијани, каде што оваа држава и народ ќе бидат прифатени без никој да наредува да се менува Уставот на суверената македонска држава.