Во Куќата на Уранија во Охрид, денеска, на свечена церемонија, на професорот д-р Виктор Фридман, еден од најголемите американски и светски слависти, му беше врачена годинешната награда за хуманизам што веќе 17 години ја доделува охридската Светска академија на хуманизмот.
Претседателот на Интернационалното жири на Охридската академија на хуманизмот, амбасадорот Јордан Плевнеш, во обраќањето пред присутните на свеченоста истакна дека во светиот град Охрид денеска се случува Балканска лингвистичка револуција бидејќи Виктор Фридман е прв лингвист, добитник на Светската награда на хуманизмот 2023, награда присутна на сите меридијани, а инспирирана од учениците на сесловенските просветители, рамноапостолите Свети Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
-Балканската лингвистичка револуција во име на љубовта кон сите светски јазици ја реализиравте вие, академик Виктор Фридман бидејќи со вашата балканофилија, вие го вреднувавте македонскиот јазик на светската лингвистичка мапа и светиклиментовиот сон низ митските корени на духовната и народната традиција стана неприкосновен легитимитет за кој Охридската Академија на хуманизмот ве нареди на тој величенствен список на досегашните добитници… Бидејќи вие академик Фридман сте меѓу најобожуваните македонисти и во македонската дијаспора расеана по континентите има една постмодерна поговорка која вели: „Светот е мал, но Македонија е голема – рече во својата беседа амбасадорот Плевнеш.
На лауреатот наградата му ја врачи градоначлникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој во оваа прилика истакна дека со своето дело Виктор Фридман со децении на научно фундирана основа и најискрен хуман начин ја доближува македонската култура до американската јавност.
-Тоа го прави еден од најголемите пријатели и почитувачи на Македонија и на македонскиот јазик и култура… Со врачувањето на наградата охридската Академија на хуманизмот ние Македонците го продолжуваме вековниот код всаден од нашиот Свети Климент Охридски, за ширење на хуманизмот и човекољубието – рече Пецаков.
Лауреатот, проф. д-р Виктор Фридман од Универзитетот во Чикаго, заблагодувајќи се на укажаната чест со доделувањето на наградата, ја искористи приликата да направи осврт на особеноста и посебноста на македонскиот јазик, како наследство од првиот славјански јазик чија модерна форма произлегува од дијалектите испреплетени во регионот низ вековите.
Како што појасни, дури и самиот град Охрид името го добил преку атестација на латинскиот, грчкиот, албанскиот и на македонскиот јазик, што само е потврда на мултилингвализмот опфатен во регионот низ времето…Професорот Фридам потсети дека Охрид беше центар на словенската писменост од 9 век наваму, уште од мисијата на светите браќа Кирил и Меториј, продолжено од нивните ученици Климент и Наум како создавачи на кириличното писмо.
-Охрид бил, е, и ќе остане седиште на мултилингвинизмот, што само ја потврдува титулата што ја носи како центар на светскиот хуманизам. Во моите петдецениски истражувања и бројни објавени трудови, се обидов да ги задржам хуманистичките вредности, дека сите јазици се вредни за истражување за проучување, не само античките туку и модерните, не само во Европа туку насекаде. А тоа овде во Охрид значи македонскиот, но исто така и албанскиот, ароманскиот, турскиот, романскиот и сите јазини од Балканот и пошироко – рече тој.
Академик Фридман е седумнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
Во рамки на денешниот настан се одржа и Меѓународна конференција со наслов: „Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес“.
Фото: Емил Јовановиќ