Фото: МИА

 Во Собранието денеска им беше врачена државната награда „Мајка Тереза“ на годинашните добитници доц. д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендоркинологија и Борче Стаменов од Иницијативата „Донирај компјутер“.

Наградата им се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.

Претседателот на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, Бехиџудин Шехапи нагласи дека државната награда е повеќе од признание бидејќи, како што рече, хуманоста не се натпреварува, туку безусловно учествува во изградбата на похуман и поубав свет.

-Во новата ера одбележана со информации, брзина и трансформација во еден модерен дигитален виртуелен и вештачко интелигентен свет, за жал наспроти технолошкиот подем регресира човечката свест. Тоа го докажуваат војните во Палестина и Украина и уште многу студени војни кои требаше да се лекција за пропаст, а не повторување кое докажува дека хуманоста, разбирањето и дијалогот се поразени. Во нашата земја изгоре младоста на Кочани, изгоре душата на тој град, која денеска пробуваме да ја лекуваме со почит, сочувство и подадена рака, поддршка за се што е потребно и ќе биде потребно во годините што доаѓаат – рече тој.

Фото: МИА

Шехапи потенцира дека со овој свечен чин продолжуваме да ги следиме чекорите на Мајка Тереза на делотворност, благородност и човекољубие кон човештвото и кон Бога.

-Овој јубилеј сакам да го отворам со цитат од Мајка Тереза „Има повеќе глад во светот за љубов и почитување, отколку за леб“. Овие зборови на Мајка Тереза не сплотуваат во чест на човековата доблест, хуманост и солидарност. Со овој свечен чин продолжуваме да ги следиме нејзините чекори на делотворност, благородност и човекољубие од една страна кон човештвото и богољубие, вера и духовна височина во себесплотувањето со Бога од другата страна – изјави Шехапи.

Доц. д-р Ахмети истакна дека за него оваа награда претставува огромна почит и голема обврска да продолжи со неговото хумано делување.

-Како што би рекла Мајка Тереза „не е важно колку правиме, туку како го правиме тоа и колку љубов внесуваме“. Јас лично нема да се задржам во мојот стручен придонес врз општеството, затоа што медицинската дејност сама по себе е хумана професија. „Направи нешто добро и заборави на тоа“ оти во моето досегашно искуство секогаш тоа што е направено и заборавено во одреден момент се појавува човек што сме му завршиле голема работа, со емоции ти се приближува и ти искажува голема благодарност за тоа што си направил за него, а при тоа јас и Борче не сме свесни за тоа затоа што и Мајка Тереза дава препорака „Направи нешто и не мисли да ти се возврати тоа, туку направи го со душа“. Со Борче имаме различни професии, но не спојува хуманоста која претставува еден мост меѓу луѓето, културите и заедниците. Свесни сме дека во денешницата медицината, информатиката, па во иднина вештачката интелигенција ќе се спојуваат, но факт е дека ќе треба доста да работиме на тоа како емоциите да ги спојуваме со тоа што е техничко – рече Ахмети.

Стаменов, кој е добитник и на државната награда „Мето Јовановски“, нагласи дека овие награди за него претставуваат мотивација плус дека на некој начин си на прав пат и тоа што го правиш наидува на позитивен фидбек.

-Целата иницијатива почна на работа. Дојде една женичка да побара половен компјутер, имаме доста клиенти кои што ги оставаат дотраени, им го однесов дома и кога гледаш дека се радуваат на нечие ѓубре буквално, си викаш дека тоа може да биде добра идеја. На почетокот ми беше интересно, а и има доста социјално загрозени семејства низ Македонија што не можат да добијат уред. Си рековме да стигнеме до 100 и доста е. Се случи Ковид и тогаш се виде колку сме неспремни и како држава и како свет за такво нешто. Се виде колку недостасува опрема во цела држава и тука ние пристапивме. За околу шест месеци успеавме да донираме 600 компјутери – изјави Стаменов.

Државната награда „Мајка Тереза“ за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за потикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери првпат била доделена во 2006 година.