Фото: МИА

Поради влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) апелира до македонските државјани кои се наоѓаат во оваа земја внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.

Министерството истовремено препорачува граѓаните да се воздржат од патувања кон земјите од регионот сè до стабилизирање на безбедносната состојба, пренесува МИА.

Според информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување, а сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани без најавен рок за обновување на редовниот воздушен сообраќај, соопшти МНРиНТ.

Министерството ги потсетува македонските државјани дека во случај на потреба од помош можат да се обратат на следните контакти:

Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија:
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]

Од Министерството информираат дека преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив континуирано ја следат состојбата и навремено ќе ја информираат јавноста за понатамошниот развој на настаните.

Важно известување објави и Амбасадата на Северна Македонија во Израел, која ги повика македонските граѓани строго да ги следат упатствата на Командата на израелскиот домашен фронт.

На граѓаните им се препорачува да останат во или во близина на заштитен простор, да го знаат најблиското засолниште, да обезбедат основни залихи како вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче и наполнети мобилни телефони, како и редовно да ги следат официјалните известувања преку веб-страницата, мобилната апликација и локалните медиуми.

Граѓаните треба веднаш да се упатат во заштитени простории по добивање предупредување и да останат таму сè додека надлежните служби не соопштат дека е безбедно да се излезе. За оние кои планираат патување кон или од Израел, летовите во моментов се откажани до понатамошно известување.

Амбасадата соопшти дека продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку биде потребно.