Два хеликоптери на Армијата и на МВР денеска црпеа вода од мобилен резервоар поставен на фудбалското игралиште во селото Богомила, во Општина Чашка, кој за само 20- тина минути беше монтиран од страна на шестмина волонтери на Црвениот крст од Велес и Скопје.
Мобилниот резервоар за вода е со капацитет од 8 тона. Како што инфорира за МИА, Орце Николов секратар на ООЦК Велес, со овој мобилен резервоар за дури трипати е скратено времето за дејствување на хеликоптерите.
– Наместо да одат и црпат вода од езерото од ХС „Лисиче“ тие црпеа вода за гаснење на шумскиот пожар од овој мобилен резервоар. Двата хеликоптери од него црпеа вода по 25 пати, а по заминување на хеликоптерите кон други реони со пожари во земјава, резервоарот беше расклопен – појасни Николов.
Како што инфрмираат за МИА од Регионалниот Центар за управување со кризи Велес, по заминување на хеликоптерите поради ветрот што дува се уште гори дабова и букова шума кон селото Папрадиште. Во негово гаснење се вклучени десетина вработени од ШС „Бабуна“ од Велес и пет вработени од Општина Чашка.