Камен – темелник на нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје беше поставен денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, како и министрите за одбрана и спорт, Владо Мисајловски и Борко Ристовски.
Како што беше појаснето на настанот, инвеститор на овој проект е Министерството за спорт, а вредноста изнесува 64.780.000 денари. Предвидено е новата сала да биде со димензии 45×30 метри, со стандарден терен за ракомет, кошарка и одбојка, трибина со капацитет за 400 гледачи, соблекувални и дополнителен подтрибински простор. По завршувањето на инвестицијата, спортската сала ќе биде дадена на трајно користење на Министерството за одбрана, за тренинг на питомците на Воената академија, но, ќе биле обезбедени термини и за учениците и жителите на општина Аеродром.
Задоволство од реализацијата на проектот изрази премиерот Мицкоски.
– За две години е даден рокот да се изгради, министерот за спорт е оптимист дека догодина ова време можеме да ја отвориме. Да видиме дали ќе успееме да го мотивираме изведувачот да работи така брзо и да ја стави во употреба оваа спортска сала – рече премиерот во изјава за медиуми.
Министерот Мисајловски потенцира дека е ова прв објект кој се гради во рамки на Воената академија после 30 години, и како резултат на соработката помеѓу министерствата за одбрана и за спорт.
-Сакам да нагласам дека по 30 години тука во Воената академија се започнува со нов објект. Триесет години постоење – еден нов објект навистина ќе значи и за питомците и за студентите, но и за целата Армија. Не застануваме тука, ќе продолжиме и со многу други проекти. Овој проект доаѓа директно од Министерството за спорт и навистина – одлична соработка, благодарен сум. Потпишавме меморандум за соработка и еве може да видиме дека почнува да се остварува овој проект- рече министерот Мисајловски во изјава за медиуми.
Тој додаде и дека на последната владина седница поминало и реконструкција, односно проект за Домот на АРМ и хотелот „Шар“ на Попова Шапка.
Министерот Ристовски рече дека оваа сала нема да ја користат само спортисти, туку ќе ја користат и питомците од Воената академија, ќе ја користат и локалните училишта во општина Аеродром, ќе ја користат и сите оние деца кои ќе изразат желба да се рекреираат, професионално да се занимаваат, спортски клубови и така натаму.
– Ова е една повеќенаменска инвестиција на Министерството за спорт што ја изведовме во соработка со Министерството за одбрана – истакна Ристовски во изјава за медиуми.