Фото: „Нова Македонија“

Амбасадата на Република Македонија во Абу Даби, во соработка со надлежните институции на Обединетите Арапски Емирати, работи на заокружување на организацијата за комерцијален лет со кој би се извршила евакуација на македонски државјани, информираше Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Од Министерството апелираат до сите граѓани кои имаат потреба од евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток можен рок да ја контактираат Амбасадата во Абу Даби на телефонскиот број +971 56 441 7532 или преку електронската адреса [email protected].

 – Безбедноста на нашите државјани е врвен приоритет. Сите што ќе се пријават ќе добијат навремени информации за понатамошната постапка и условите под кои ќе се реализира евакуацијата – наведуваат од ресорното министерство.

Според претходните податоци на МНР, од почетокот на конфликтот досега 473 македонски државјани стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Од нив, 19 се пријавиле од Израел, 106 од Катар, додека 348 лица се обратиле до претставништвото во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт и 12 од Бахреин.