Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот неделен брифинг најави дека во тек е формирање на работна група за независно обезбедување на Собранието.
-Во тек е формирање на работна група за независно обезбедување на Собранието. Тоа ни е трета фаза од стратешката цел на Собранието – да има независно финансирање на службата и обезбедувањето. Во работната група членуваат претседателот на Собранието, потпретседателите, координаторите, генералниот секретар и замениците и државни советници и треба да присуствуваат претставници на три институции од Владата, самата Влада, кабинетот на Премиерот и министрите за правда и за внатрешни работи. Јас лично комуницирав со трите институции и имам најава дека министрите ќе дојдат. Од страна на Владата ќе имаме претставник. Работиме само на утврдување на датумот. Кон крајон на оваа или следната недела ќе имаме прв работен состанок со оваа група. Начелно треба да тргне работата – рече Гаши.
Во 2022 година имаше работен состав, потсети тој, но немале ниту еден состанок.
-Ние ја преземаме работата од почеток, разговараме на темата со НДИ и сите други странски организации. Процесот ќе биде максимално транспарентен и ќе гледаме неколку модели да разгледуваме, да бидеме внимателни затоа што во делот на безбедноста имаме проблеми. Не може целосно да биде независно, сепак, ако бидат членови од МВР, носење на оружје и такви работи – рече претседателот на Собранието.
Гаши нагласи дека најприфатлив за сите пратенички групи е моделот на германскиот Бундестаг, но оти уште за ништо не е одлучено.
-Најмногу сме разговарале околу моделот на германскиот Бундестаг, кој е поприфатлив. Но ова е само начелно и почетна точка. Тука повеќе има експертиза отколку политика. Начелно, сите пратенички групи се согласни да продолжиме кон таа собраниска безбедносна независност, но да бидеме внимателни во делот на професионализацијата. Нас политички како Собрание повеќе не интересира законодавниот дом да биде независен во овој дел во рамките каде што нема да навлезе во ризикување на безбедноста на Собранието. И јас не го разбирам тој дел на експертизата. Нема да инсистираме на не знам каква голема служба, колку што е потребно, како било и порано. Сега да видиме како ќе одлучуваме кој ќе ги одреди началникот на обезбедување, дали ќе оди во пленумот да се гласа, по кои критериуми ќе биде изгласан. Да не одредува министер или некој човек, туку да биде тој што ќе биде во службата да биде најголемиот експерт што го имаме во државата. Во таа насока ќе биде. Не мислам дека е проблемот е до парите. Ова лаички го зборувам. Тоа да биде консензуален модел кој ќе биде прифатлив за сите институции – рече Гаши.
Гаши информира дека собраниски службеник, а не претставник на невладините ќе претседава со седницата за Одбележувањето на 11 Јули – Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Тој е уверен дека со тоа, како што вели, нема да се повтори скандалот од лани кога сеќавањето на жртвите беше злоупотребено за молитва во Законодавниот дом.
Во однос на ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура, Гаши истакна дека се си оди според роковите предвидени со Деловникот на Собранието и се очекува од 17 до 19 јули да биде ставен на дневен ред не пленарна седница.
-Досега како што е предвидено со Деловникот и со роковите, а и имаше договор помеѓу пратеничките групи како ќе тече процедурата. Овде се е како што треба. Денеска ја почнуваме амандманската расправа и се надеваме дека ќе заврши во предвидениот рок како што сме го планирале. Ќе имаме нова седница на 17, 18 или 19 јули, токму за ребалансот на буџетот. Штом ќе имаме предвидливост, ќе ја закажеме – потенцира тој.
Гаши соопшти дека на координацијата предложил седницата за пратенички прашања да се одржи на 24 наместо на 31 јули поради одморите и празниците.
На 9 јули, во среда, ќе се одржат пратеничките прашање од опозицијата со претставниците на Владата. Гаши информира дека премиерот Христијан Мицкоски нема да присуствува на таа седница, бидејќи доцна бил известен, а веќе имал закажано важен состанок. На таа седница тој најавил дека ќе испрати негов заменик.