Со отслужување на ктиторската вечерна богослужба во храмот „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга и молитвена поворка низ градот, попладнево се одржа познатата струшка Литија (Еордија) со моштите на Свети Георгиј Победоносец, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица.
Молитвената поворка од храмот на светителот, според традицијата, се движеше низ централните градски улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно се вратија во црквата, каде верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на Свети Георгиј.
На Еордијата ѝ претходеше церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин го одбележува чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата, дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто, како што појасни сестра Ефимија, е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
На чело на Еордијата (литијата) е член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните иконите на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – моштите на светецот раскошно украсениот епитаф.
Сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица истакна дека како и секоја година стружани најгостољубиво и најдостоинствено ги пречекуваат моштите на Св. Георгиј Победоносец и крминската икона на Богородица кои многу силно го излеваат својот благослов кон сеопштата и сенародна радост.
-Велам сеопшта и сенародна, бидејќи околу оваа литија е обединета и целата наша земја и соседните простори – нагласува сестра Ефимија.
Верничка, учесничка на литијата забележува дека секоја година се поголем и поголем број на луѓе се собираат и дека годинава таа стана не само балканска, туку и дека доаѓаат луѓе кои се иселени од Америка, Австралија за да присуствуваат на оваа литија.
-Се радува великомаченикот Георгиј гледајќи не собрани во толку голем број секоја година се повеќе и повеќе. Да бидеме истрајни во верата како Св. Георгиј и да бидеме радосни во духот. Благодарност до Владиката Партениј и Бигорскиот манастир што ни овозможија да присуствуваме на највеличествениот и најубавиот ден. Литијата ни е позната ширум Балканот и сите сме сведоци на тоа. Среќна, радосна и исполнета сум, достоинствено горда што сум дел од сето ова и ќе го искористам моментот да ги цитирам зборовите на владиката Партениј: „Сакајте, почитувајте и проштавајте, по тоа ќе ве познаат, по љубовта“ – порачува верничката Весна.
Музичарот Ламбе Алабаковски, кој учествуваше на литијата, вели дека ова му е тре пат и според него, овој настан е нешто што ги сплотува сите стружани, но и луѓе од околните места. Навистина преубаво е чувството, порача тој, испраќајќи љубов и благодат кон сите.
Фото: Влатко Василевски