Сметам дека во срцето на Македонија, поточно во Битола, не смее да има клуб со име на докажан фашист како што е Ванчо Михајлов, рече пејачот Ламбе Алабаковски како сведок на Обвинителството, на првото рочиште против претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, Љупчо Ѓоргиевски, што денеска се одржа во Основниот суд во Битола.
Алабаковски додаде и оти добива пораки со смртни закани за него и неговото семејство, откако во јули минатата година го опожари бугарскиот клуб во Битола.
Адвокатот на Ѓоргиевски, Насер Рауфи, пак, истакна дека сведокот е недоличен, односно пироман што го опожари клубот во Битола.
Георгиевски е обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. Тој се изјасни дека не се чувствува виновен.
Второто судско рочиште е закажано за 18 декември, за кога е предвидено да бидат сослушани Ѓорги Црномаров и Благоја Шаторов како сведоци на одбраната, додека Основното јавно обвинителство го предложи како сведок Горан Садикарио.