„Македонските судбоносни и идентитетски премрежја“ беше темата на 12. Меѓународна тркалезна маса што се одржуваше на 17 и 18 октомври во Пула. Учествуваа академик Љуpчо Коцарев, директорката на Македонскиот културен центар во Загреб Мими Ѓоргоска-Илиевска, историчарите Драгица Поповска, Теон Џинго и Ицо Најдовски-Перин, лингвистот Елка Јачева-Улчар, писателот и публицист Кочо Топузоски, директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски и публицистот и продуцент Никола Ристевски.
Манифестацијата почна вчера во Градската библиотека и читалница во Пула со настап на пејачката група „Деспина“, по што следуваше првата сесија од тркалезната маса. Академик Коцарев зборуваше „За колективната траума на Македонците“, професорката Јачева-Улчар се осврна на „Сто години од првото политичко меѓународно признавање на македонскиот јазик“, темата на професорката Поповска беше „Оперското творештво на Кирил Македонски“, додека историчарот Најдовски-Перин зборуваше за „Македонската православна црква во дијаспората“. Потоа беа претставени новите македонски книги: „Слова за македонскиот непокор“ од Љупчо Коцарев, како и „Речник на топонимите од Воденско“ од Елка Јачева-Улчар, Мери Јосифовска, Весна Миовска.
Денеска се одржа втората сесија на која Топузоски зборуваше за „Предавството како македонска судбина – кон 120-годишнината од загинувањето на претседателот на Крушевската Република – Никола Карев“, по него Ратајкоски се осврна на „Револуција во кадар: фотографијата во македонското револуционерно движење“, темата на Џинго беше „ ВМРО (Обединета) – Еквилибриум помеѓу македонскиот
националиzам и советскиот болшевизам“, Ристевски зборуваше за „Туристичкиот потенцијал на Македонија. Туризмот како силна алатка за економски развој и промоција на македонскиот идентитет“, а Ѓоргоска-Илиевска за „Читајќи ги знаците во животот и делото на Илинка/Илинденка Петрушевска (1944-2025)“.
Завчера попладнето во црквата „Св. Фрањо“ во Пула беше отворена изложбата на уметнички фотографии „Крстовите од Македонија“, по повод 50-годишнината од творештвото на македонскиот фотограф Милан Џинго, додека во Советот на македонското национално малцинство на Град Пула беше отворена изложбата „Лицата на револуцијата“ ВМРО низ фотографии 1893-1934, чии автори се Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски. Посетителите имаат можност да видат документарни фотографии на македонски револуционери, јавни дејци и на нивните семејства од крајот на XIX и почетокот на XX век.
Одржувањето на тркалезната маса финансиски го овозможија Советот за национални малцинства при Владата на Република Хрватска, Истарската жупанија, Управен отсек за италијанската национална автохтона заедница, национални малцинства и млади и Градот Пула, Управен отсек за култура. Коорганизатори се Македонски културен форум – Пула, Македонската православна црковна општина „Свети Јоаким Осоговски“ – Пула, Совет на македонското национално малцинство на Град Пула, Градска библиотека и читалница Пула.