Фото: Фејсбук профил Тимчо Муцунски

На Меѓународен аеродром Приштина синоќа пристигна третиот организиран лет со патници евакуирани од неколку земји на Блискиот Исток.

Како што соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, патниците претходно биле транспортирани со организиран превоз до Ријад, од каде со специјален лет безбедно го напуштиле регионот.

Во авионот имало вкупно 151 патник, од кои 109 биле државјани на Северна Македонија, како и граѓани на повеќе други земји. Евакуацијата била реализирана врз основа на претходно утврден план и во координација со надлежните институции.

Станува збор за лица евакуирани од Катар, Кувајт, Саудиска Арабија и Бахреин.

Муцунски посочи дека безбедноста на македонските граѓани останува највисок приоритет и дека Министерство за надворешни работи и надворешна трговија ќе продолжи да им стои на располагање на сите државјани на Северна Македонија кои имаат потреба од поддршка во погодените региони.