Во Прага се одржа Заедничкиот состанок за економска соработка помеѓу Република Македонија и Република Чешка, на која се договорени чекори за продлабочување на билатералната соработка во повеќе сектори, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
Македонската делегација беше предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која, како што се наведува во соопштението, активно се залага за зајакнување на економските врски со Чешка и иницира конкретни чекори за привлекување инвестиции и проширување на деловната соработка меѓу двете земји. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, како и дел од делегацијата претставници од повеќе ресорни министерства, паралелно одржаа работни средби со своите чешки колеги. Разговарано беше за соработка во енергетиката, транспортот, внатрешните и надворешните работи, културата, заштитата на животната средина, земјоделството и други сектори од заемен интерес.
Министерката Божиновска, во обраќањето пред делегациите, ја потенцираше подготвеноста на Македонија да ги поддржи чешките инвеститори во реализацијата на нивните деловни планови и да обезбеди стабилна и предвидлива деловна средина со поволни услови за инвестирање.
– Македонија е отворена за стратешки партнерства со чешките компании, особено во енергетиката, инфраструктурата и индустриското производство. Македонија ја гледа Чешка како стратешки партнер во енергетиката и индустријата. Нашата земја нуди стабилен инвестициски амбиент и јасни регулативи за заштита на бизнисите. Воедно, ги интензивираме реформите во енергетскиот сектор за да обезбедиме модерна, одржлива и конкурентна економија – истакна Божиновска.
Вицепремиерот Николовски, пак, посочи дека преку вакви директни средби со чешките институции и компании, се отвораат нови можности за инвестиции и партнерства.
– Сигурен сум дека оваа соработка ќе резултира со конкретни проекти. Македонија и Чешка имаат долга традиција на соработка, а воспоставувањето директна авионска линија ќе ја олесни економската и туристичката размена меѓу двете земји. Очекуваме оваа иницијатива наскоро да стане реалност – кажа вицепремиерот Николовски.
Освен официјалните средби, претставници од различни министерства и институции остварија теренски посети, секој во рамките на својот домен. Дел од македонската делегација беа и претставници од Електростопанство на Македонија, Охридско лето и Министерството за култура, кои дискутираа за можности за продлабочување на соработката во областа на енергетиката, културната размена и инфраструктурните проекти.
Во рамки на посетата Божиновска оствари и посебна средба со заменик министерот за индустрија и трговија Јан Кавалирек, на која се разговараше за конкретни можности за размена на искуства и помош во експертиза.
Официјалната посета на Чешка е заокружена со потпишување протокол од третата сесија на заедничкиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Чешка, кој има за цел да иницира конкретни проекти, продлабочување на трговската соработка и реализација на заеднички иницијативи – стои во соопштението од МЕРМС.