Фото: МИА

Пожар избувна синоќа во Прочистителната станица за отпадни води во селото Мојанци, информираат од ТППЕ Кочани. Огнот се појавил околу 20.30 часот на инсталација од системот за пренос на метан, при што се запалиле цевки од системот.

 – Добивме дојава за пожар и веднаш интервениравме со четири возила и осум пожарникари. Со нас беше и возило од ДПД. Пожарот брзо беше локализиран и изгаснат. Беше зафатен дел од прочистувањето на метанот, но сега веќе нема опасност. Фабриката продолжува да работи – изјави Драган Апостолов, командир на кочанската ТППЕ, пренесе МИА.

Предизвикана е само материјална штета, а причините за пожарот допрва ќе се утврдуваат. Брзата реакција на пожарникарите спречила проширување на огнот во балонот каде што се собира метанот и евентуално експлодирање.