Рано утринава со првото дневно светло продолжи потрагата по последниот македонски турист кој се води како исчезнат од саботата, кога брановите го однесоа на плажата „Мити“ во Посеиди на Халкидики, објавува грчкиот портал „Иефимерида“.
Веќе четврти ден напорите се насочени кон 28-годишниот Македонец. Во Грција пристигна и неговото семејство со цел да ја следи и директно да се информира за потрагата на надлежните органи, но и на волонтерите кои продолжуваат да водат битка со времето.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, во спасувачката акција на крајбрежната служба на Грција се вклучени три патролни бродови, возила и еден авион. Спасувачката акција започна во саботата попладне, траеше во изминатите денови и продолжи и утрово, а освен крајбрежната служба во потрагата учествуваат и спасувачки тимови и волонтери.
Претседателот на доброволниот спасувачки тим, Христос Рамос, за „Иефимерида“ вели дека денеска ќе биде поставена голема операција во која ќе биде употребен и подводен дрон. Забележано е дека камерата на подводниот дрон обезбедува слика на длабочина од 100 метри и фронтално на должина од 30 метри.
Вчера потрагата во голема мера била ограничена поради силниот ветер, меѓутоа според упатен извор на „Иефимерида“ денешниот ден е клучен за можното пронаоѓање на несреќниот млад човек бидејќи ќе биде поставена голема операција, чиј сојузник треба да биде поволното време.
Младиот турист и неговите двајца пријатели биле на одмор на Халкидики кога во саботата попладне, славејќи го роденденот на нивниот 30-годишен пријател Иван, завршија во водата борејќи се за да преживеат. Иван беше пронајден безбеден во неделата напладне, а првиот исчезнат, 25-годишниот Васил, веднаш го лоцирала крајбрежната стража.