По девет месеци од почетокот на замена на уличното осветление во општина Кичево, до крајот на месец јули целосно ќе заврши оваа операција, кога целосно во општината ќе бидат поставени нови лед светилки што ќе овозможи поквалитетно јавно осветление со подолг рок на употреба, а од друга страна потрошувачката на електричната енергија за уличното осветление ќе биде пониска за 30 проценти, потврди и менаџерот на компанијата изведувач Бурим Селими, кој најави дека во општина Кичево ќе бидат поставени нови 8.000 лед светилки.
– Во изминатите девет месеци во општина Кичево извршивме замена на над 7.000 електрични светилки и на местото на застарените и неекономични светилки, поставивме нови долготрајни и штедливи лед светилки. За да ја завршиме оваа операција треба да замениме нешто помалку од 1.000 светилки, што планираме да го реализираме во текот на месец јули,и општина Кичево по примерот на Европска унија да добие квалитетно и економично осветлување. Нашата компанија како најповолен понудувач го доби тендерот покрај замената на електричните светилки да врши и тековно одржување на јавното осветление во општината во наредните 15 години – истакна сопственикот на компанијата изведувач Бурим Селими.
Нагласи дека преостанатите лед светилки делумно ќе бидат заменети на неколку периферни улици во градот како и во поедини селските населби.
Инаку, секој дефект на електричното осветление се регистрира на мобилен телефон, за да може дефектот навремено да биде отстранет и целиот систем да биде под мониторинг.
З.A.