Земјотрес со магнитуда од 3,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран изутринава во 04.34 часот во Охрид и регионот.
Серија земјотреси чии епицентри потекнуваат од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга, 102 километри југозападно од Скопје, се регистрирани изутрината во 4 часот и 34 минути во Охридскиот регион – соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, од серијата на земјотреси, почувствуван е земјотресот во 4 часот и 34 минути во Охрид и блиската околина со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала. Во останатите југозападни делови од земјава, земјотресот е почувствуван со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Европскиот-медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ), соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 5 километри, на 4 километри североисточно од Охрид.
Освен вознемиреност кај граѓаните, материјални штети не се пријавени.