Очекувам тие што го даваат легитимитетот на Владата да кажат дали се задоволни и, првенствено, наставниците, родителите, учениците и експертската јавност, од она што го правеше Министерството за образование и наука – изјави министерката Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање како е задоволна од 2025 во образованието.
Посочи дека лично е задоволна од тоа што со нејзиниот тим успеала да придвижи процеси што биле во застој од кои, рече, засега има „мали, бавни, но сигурни ефекти“ и очекува тие да станат во иднина повидливи.
-Но, ако мене ме прашате лично како министер, мислам дека заедно со мојот тим сработивме многу и успеавме да придвижиме нешто што долги години стоело во место. Тоа придвижување засега дава мали, бавни, но сигурни ефекти и очекувам во идните години да се забрза и ефектот да стане повидлив – рече за медиумите Јаневска која денеска учествуваше на конференција посветена на формалното образование за ученици на подолго болничко лекување.
































