Евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток ќе започне во недела и ќе се реализира со комерцијални чартер-летови, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).
Од Министерството информираат дека попладнево е склучен договор со авиокомпанија согласно Законот за јавни набавки, по спроведена соодветна постапка.
-Согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање- се наведува во соопштението.
Процесот на евакуација е целосно координиран од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва во регионот, а завршувањето на постапката за јавна набавка, како што посочуваат од МНРиНТ, претставува потврда за навременото и одговорно постапување во насока на заштита на македонските граѓани.
Според последните податоци, до Амбасадата во Доха се обратиле 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби ја контактирале 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и пет лица од Кралството Саудиска Арабија.
Министерството ги повика сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го направат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви на амбасадите или преку СОС-бројот на Министерството.
Техничките и организациските детали околу летовите ќе бидат дополнително утврдени во координација со економскиот оператор, за што граѓаните ќе бидат навремено информирани, додаваат од Министерството.
































