Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград вечерва почна тридневната литературна манифестацијата „Денови на македонската литература за деца 2025“.
Воведно обраќање имаше директорот на македонскиот КИЦ во Белград, проф. д-р Васко Шутаров како и програмскиот уредник на проектот м-р Ели Маказлиева.
– Денес во време на дигитална комуникација со што помалку зборови, се враќаме на она што е наше воспитание и образование, она што не создало како луѓе – се враќаме кон речта и кон словото. Борбата денес на македонскиот народ е промоција, презентација и популаризирање на македонскиот јазик. Има ли поблагородна мисија таа борба да се одвива не само меѓу Македонците во Македонија туку и сите наши кои живеат надвор од државата. Пред се во Србија, македонска заедница која е добро организирана и дечиња кои многумина посетуваат настава на македонски јазик. Оваа идеја поради тие причини посебно ќе се облагородува – уште вечерва на нашите деца од Јабука и утре на децата во градинка во Белград како и задутре на Саемот на книгата кога ќе се потпише меморандум за соработка со српското книгоиздателство за деца „Пчелица“ – рече Шутаров.
Тој додаде дека соработката меѓу македонскиот и српскиот литературен израз, а посебно во размена на литература за најмладите ќе се облагородува и збогатува.
Ели Маказлиева нагласи дека проектот има главна цел, претставување и афримација на дел од македонски писатели за деца и нивни книги, развивање соработка меѓу писателите и авторите кои творат за децата меѓу двете држави.
– Проектот означува и промовирање на дел од литературата за деца афирмирајќи го истовремено и македонскиот КИЦ во Белград. Со реализација на овој проект очекуваме зголемување и проширување на српската читателска и културна јавност за македонската литература за деца, запознавање на писателите за деца од двете држави со цел остварување соработка, мотивација на македонските писатели автори и илустратори на книги за деца да пишуваат што повеќе и во голем број да претендираат за наградата „Литературни пишувалки – патувалки“ како важен дел од проектот – наведе Маказлиева.
Ова е проект од национален интерес со кој се афирмира македонското литературно творештво за деца со тенденција да се проширува во други културно информативни центри на Македонија. Со негова реализиција се иновира литературата за деца преку изградена мисија визија и поставени цели низ програмски активцности.
Со потпишување в сабота на меморандум на Саемот на книга во Белград се означуваат размена на лиценци за превод на книги напишани на македонски јазик и на српски јазик и обратно.
Претходно овој проект е остварен во Софија, Истанбул и Загреб.
-Вечерва сите ние веруваме дека ги сакаме децата и книгите за деца и заедно ја пренесуваме таа вдахновена љубов кон пишаниот збор на идните генерации – нагласи Маказлиева
На манифестацијата беа претставени неколку автори, писатели за деца, Александра Велинова (Домот на пастрмката), Ели Маказлиева (Поучни сказни и поучни приказни), Марина Мијаковска (Кошница со калинки), Марија Богатиновска (Големата тајна), Роза Костеска (ЕКО на секој чекор), Соња Трифуновска (Наде и Нено учат за животните), Билјана Лотеска (Пчеличката Баз).
Книгата за деца „Пчеличката Баз“ е наградена на конкурсот за наградата „Литературни пишувалки – патувалки 2025“ и и беше врачена плакета.
Учесниците ќе ја посетат предучилишната установа „Савски Венац“ – градинката „Царица Милица“, ќе разменат искуства за користење на литературата за деца, ќе промовираат изданија за предучилишна возраст, ќе доделат подароци со национални обележја, книги за децата и ќе реализираат работилници, промоции и презентации.
Учесниците ќе разменат искуства и ќе остварат средби со писатели од Србија и српски издавачки куќи на Меѓународниот саем на книгата во Белград в сабота каде ќе реализираат меѓусебни договори за размена и превод на книги за деца.
Проектот е поддржан од македонското Министерството за култура и туризам.