Фото: Приватна архива

Денеска, на големиот христијански празник Велипеток, во Крушево беше погребан Никола Проески, таткото на македонската и балканска музичка ѕвезда, но и голем хуманитарец, Тоше Проески.

– Денеска е Велики петок најтажниот ден за Христијаните. И токму денес се простуваме и од Никола Проески- нашиот чичко Нико, Таткото на Тоше. Неизмерна е болката на семејството Проески, со кои сочуствуваме. Искрено сочуство до фамилијата, нека почива во мир – напиша Томе Христоски, градоначаникот на Крушево на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук

Никола Проески почина вчера, по долго боледување. Веста за неговото заминување на својот профил на Фејсбук ја објави Дора, неговата ќерка, со зборовите: „Светол патот, татко мој“. Таа постави фотографија на која Никола се прегрнува со Тоше на последниот голем концерт на Проески, што се одржа на 5 октомври 2007 година, на стадионот во Скопје, што сега го носи неговото име.

Фото: Приватна архива

Погребот почна во 12 часот, кога поворката со кофчегот на починатиот, од родната куќа почна да се движи кон крушевските гробишта на Гумење. Никола е закопан десно од гробот на Тоше, во неговото вечно почивалиште. Опелото во црквата Света Богордица го извши отец Павле.

Освен најблиските, дојдоа и голем број крушевчани, родни и пријатели на починатиот Никола, но и голем број обожаватели на Тоше од цела Македонија, но и од земјите во регионот.

Некои фанови на Тоше од Словенија, Хрватска, Шведска, испратија венеци, а Оксана Рујаноска, голем поддржувач на Проески од Благоевград, Бугарија, присуствуваше на погребот, заедно со Боби Маскрчки, ликовен уметник од Благоевград, кој го ослика манастирот Свето Преображение господово, што беше осветен лани.

– Едноставно морав да бидам тука на овој ден. Во име на подджувачите на Тоше од Бугарија купивме голем букет со рози за чичко Нико. Тој почина вчера, на Величетврток, а еве го погребуваме денеска, на Велипеток, најтешкиот ден за сите христијански верници. Велат само големи луѓе си заминуваат од овој свет на овој голем ден. Тргнавме од Бугарија на голем дожд, небото плачеше, а кога стигнавме во Крушево, не дочека сонце – ни рече Оксана Рујаноска.

И Русинката Наташа Кондрашова Атанасоска, која е мажена во Крушево присуствуваше на погребот, како и други нејзини сонароднички, кои основаа дом во највиското гратче на Балканот.

Тие по погребот се упатија кон манастирот Свето преображение, одалечен десетина километри од градот.

– Чичко Никола лани ја исполни најголемата желба на Тоше, осветувањето на манастирот Свето преображение. Многу смирен, добар човек беше,ама многу тага носеше во себе – дополни Оксана.

Родителите на Тоше, кој почина пред 16 години во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, во Хрватска, Доминика и Никола, живееа повлечен живот по смртта на нивниот син и не се појавуваа во јавноста.

М.Т.