Фото: Македонско друштво Сонце

Со учество на универзитетски професори и научници од Корча, Тирана и од Македонија, како и активисти од македонската заедница во Албанија и областа Гора во Косово, денеска во Корча, Албанија, се одржа научна конференција на тема „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.

На свеченото отворање учествуваа заменик министерот за надворешни работи и трговија, Зоран Димитровски, вршителот на должноста амбасадор на Република Северна Македомнија во Тирана, Љуфтим Спахиу, директорката на КИЦ во Тирана Емилија Потеска – Попивода, градоначалникот на Пустец, Пали Колефски и други гости.

Обраќајќи се пред присутните, заменик министерот Димитровски, потенцираше дека негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата македонска Влада.

– Од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните приговори – рече Димитровски, јави МИА.

Според него, јазикот е „нашиот часовник на времето во кој и стојат и се движат сите физички и духовни записи, сите споделени мисли и спомени на што човекот ги брише, а јазикот го чува дури и од забот на времето”.

Поздравен збор, меѓу другите имаа и претседателот на Советот на општина Корча, Ејрон Неџипи, ректорот на Универзитетот „Фан С. Ноли“, Ленци Економи, деканката на Образовниот и Филолошкиот факултет, Јонела Спахиу и други официјални лица.

Организатори на Конференцијата се Македонското друштво „Сонце“ од Корча, во соработка со Универзитетот „Фан С. Ноли“ од истиот град, како и „Мрежата за промоција на јазичната различност” од Брисел.

Претседателот на Друштвото „Сонце“ и професор на Универзитетот „Фан С. Ноли“, Васил Стерјовски, напомена дека целта на Конференцијата е да се одбележи значајниот јубилеј на македонското образование во Албанија, да се почитуваат и запаметат сите оние кои дале значаен придонес за развојот на образованието на мајчин јазик и да се истакне потребата за понатамошен развој на образовниот процес на Македонците во Албанија.