Фото: З.А.

Од понеделникот во Кичево започна наплатата на надомест за паркирање на автомобилите на јавни паркинзи. Работното време во кое ќе се наплаќа паркинг е од 7 часот изутрина до 22 часот навечер. Цената за еден час паркирање ќе чини 30 денари во првата зона, додека во втора зона цената за паркирање за период од еден час изнесува 10 денари.

-Како и повеќето градови во земјава така и во Кичево од почетокот на оваа седмица, започна наплатата на јавните паркинзи. Работното време на овие паркинзи е од 7 часот изутрина до 22 часот навечер од понеделник до петок. Засега наплата се врши за паркирање на булеварот„ Ослободување“ од градскиот плоштад до кружниот тек кај полицијата а цената за еден час паркирање изнесува 30 денари. Во оваа зона влегуваат и паркинзите кај Основниот суд Кичево и Агенцијата за вработување. Вработените во институциите и банките во средиштето на градот ќе наплаќаат еднократно на годишно ниво 2500 денари, додека станарите на овие локации ќе наплаќаат по1500 денари за една година-истакна Ипче Вејселоски од ЈКП„ Комуналец“, претпријатие кое е задолжено за вршење на наплатата на јавните паркинзи.

Инаку има најави дека ќе се проширува бројот на улици и јавни паркинзи каде ќе се наплатува паркирање, а тука на прво место се мисли на улица„ Рудничка “која е во изградба, како и улицата„ Борис Кидрич“, каде засега не се плаќа паркинг а бројот на паркирани возила од понеделникот драстично се зголеми и повеќето граѓани бараат паркинг места на локации без наплата..

На сите оние на кои им е нејасно околу јавните паркинзи, ќе се информираат на таблите поставени за оваа намена. З.А.