Извршена е систематска проверка на здравствениот и физички статус на учениците од второ до петто одделение во Кавадарци, со опфат на околу 1.300 ученици, информираа денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и Влатко Неделковски, декан на Факултет за физичко образование, спорт и здравје. Направени биле комплетен скрининг во делот на нивната моторика, гојазност, скелетна стабилност и други проверки.
– Прелиминарниот извештај е завршен. Сите родители ќе добијат известувања со свидетелствата на учениците. Покрај постоечката програма на Министерството за образование и наука, ние како Општина ќе изготвиме програма за дополнителни активности со децата. Ќе бидат искористени сите објекти за физичко образование, изградени и такви што ќе се градат, како отворен и затворен базен, скијачки центар, гимнастичка сала, куглана, картинг центар и слично – појасни Јанчев.
Тој подвлече дека Кавадарци на овој план е меѓу ретките општини што на ваков начин се залагаат за доброто на младите генерации.
Неделковски рече дека станува збор за заеднички проект со Општината што ќе трае четири години. Тој истакна дека е за поздравување тоа што се прави во Кавадарци на овој план и дека треба да се следи ваквиот пример.
– Продолжуваме со длабинска анализа и обработка на резултатите. Согласно на нив, ќе се знае каде и какви корекции треба да има, за подобрување на здравствениот статус на учениците, што е многу важно – нагласи Неделковски.