Во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија е да нема граници, да имаме поврзана инфраструктура, градоначалниците од двете страни на границата да работат заедно, да имаме развиена трговија и културни настани. Тогаш сите други проблеми, како што е говорот на омраза, ќе исчезнат, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков во обраќањето до учесниците на средбата меѓу општините од Бугарија и Македонија, во рамки на Програмата за прекугранична соработка 2021-2027.
Средбата, како што јави дописникот на МИА во Софија, се одржува во градот Сандански.
Петков изрази надеж, дека наскоро Бугарија ќе може да ѝ го отвори патот на Македонија во ЕУ.
– Влегувајќи во ЕУ, двете земји ќе можат заедно да работат без граници и ограничувања – додаде Петков, истакнувајќи дека ако економиите на двете соседни држави работат заедно, тогаш полесно ќе бидат решени и некои долгорочни прашања и Балканот ќе почне да се развива.
На работната средба меѓу општините од двете држави учествуваа и македонскиот министер за локална самоуправа Горан Милевски, и министерот за регионален развој на Бугарија Гроздан Караџов. Од бугарска страна учествуваат општините од областите Благоевград и Ќустендил, а од страна на Македонија – Североисточен, Источен и Југоисточен плански регион.