Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во храмовите на Македонската православна црква – ОА утре и во петок по литургијата на претходно осветени дарови, ќе биде отслужен парастос за жртвите во трагедијата во Кочани, а потоа и молитва за исцеление на повредените.

– Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан повелува утре, среда, 19.3.2025 и в петок, 21.3.2025 г. по Претходноосветената Литургија да се отслужи Парастос за невино настраданите во трагедијата во Кочани. Веднаш по Парастосот, пак, да се принесен Молитва за исцеление на повредените – се вели во известувањето до верниците.

Во сабота во 9 часот, во манастирот „Св. Јован Крстител“ во Капиштец, пак, со благослов на г.г. Стефан, ќе се служи Заупокоена литургија за покој на душите на сите настрадани во неодамнешната трагедија во Кочани, како и за прерано починатиот студент по теологија на Православниот богословски факултет Јане Глигороски.