Во болницата Папаниколау во Солун и во воените болници во Атина и Солун, ќе бидат хоспитализирани 18 повредени во пожарот во дискотеката во Кочани, брифираа грчки владини извори – јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите извори, по телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете земји Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски, „со координирани активности на Министерствата за надворешни работи, здравство, цивилна заштита и службата за итна медицинска помош, Грција ќе ги прими сите повредeни со изгореници, како што било побарано од Европскиот механизам за цивилна заштита“.
Тројца повредени со амбулантни возила попладнево пристигнаа во Солун и се хоспитализирани во болницата Папаниколау, а како што брифираа грчките владини извори, станува збор за две лица на возраст од 25 години и едно на 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници, а едниот ќе биде опериран.